Џафери: Да завршиме со уставните измени и да продолжиме понатаму, 2008-ма покажа дека идното решение може да биде само полошо

Доколку не се донесат уставните измени земјата нема да може да оди напред во евроинтеграцискиот процес, а за тоа што тоа би значело во иднина – не мора да бараме туѓи искуства, бидејќи имаме свое искуство на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и „она што се случуваше со земјата потоа“, изјави претседателот на Собранието – Талат Џафери, во интервју за МТВ.

„Ние не мора да бараме туѓи искуства, иако има доста, ние имаме сопствено искуство од 2008 година во однос на можните решенија во моментов и на можните решенија. И секако искуството покажува дека колку и да е, условно кажано, дилема по однос на моменталното решение, идното решение може да биде само полошо. Искуствено, во 2008 целиот државен врв замина на Самитот во Букурешт на НАТО со тоа дека вечерта ќе станеме членка на НАТО, преку ноќ таму се промени ставот и на крај после десет години апсолутно е заклучок, сега кога ги имаме сите информации од тогаш, дека последователното решение беше… Идејата е да се заврши со оптималното решение, да се внесат во Уставот и да продолжиме понатаму, не заради нас како политичка гаранитура во моментов што раководиме туку за иднината“, вели Џафери.

Прашан за последните изјави на бугарскиот претседател за „дополнителни идни барања“ (иако Радев порачува дека исполнувањето на билатералните протоколи е дел од постоечките услови), Џафери изрази жалење што, како што рече, ние овде се водиме од изјавите, а не од обврските што треба да се сработат.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

„Такви изјави секојдневно ќе има. Искуствено, пак ви кажувам, решенија на арбитража имаат и Словенија и Хрватска, па ден денеска спорат дали е тоа тоа или не. Затоа има прашања кои ексклузивно ние што треба да ги правиме. Последиците од таквите изјави каде носат вода, носат вода во интерес на нас или носат вода некаде на трето место. Мој заклучок е дека со таквите изјави ние само се приклучуваме носејќи вода на трето место, а не за наши потреби“, рече Џафери.

Во однос на Комисијата за уставни прашања рече дека тој мора да обезбеди пропишано време за дебата, но динамиката зависи од конкретната дебата. Дебатата, вели, доколку се исцрпи, не мора да трае до 9 август, како што е предвидено.

„По однос на моите надлежности како претседател на Собранието и на уставната комисија, организациски ги преземав сите мерки и активности за да се подготви Собранието и да биде подготвено процесот да тече во најдобар тек“, рече Џафери.

За барањата за предвремени избори на опозицијата, тој ја повика опозицијата да поднесе предлог до Собранието и, ако има 61 глас, да се распушти Собранието.

„За предвремени избори е имплицитно кажано дека треба да се распушти Собранието па да се оди на предвремни избори. Флоскулата е политичка дека вие сте за избори, а не иницирате, затоа што веројатно не се сигурни за бројките. И затоа велам дека приоритетот треба да се дава за она што ни е иднината, а не за идните избори“, вели Џафери.

Извор: МИА

- Реклама -