Џафери: Постапката за измена на Уставот најдоцна во првите месеци од следната година

Постапката за измена на Уставот би требало да почне најдоцна во првите месеци од следната година за да се запази процедурата и периодот за носење на уставни измени. Оваа постапка би требало да заврши до крајот на скринингот, што е планиран за ноември 2023 година, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.

За тоа што ќе се менува со уставните измени и дали само Бугарите и/или припадници на други етнички заедници ќе бидат вметнати во Уставот, Џафери вели дека ќе зависи од она што ќе содржи одлуката за менување на Уставот што треба да биде доставена до Собранието. На лидерската средба и до сега изнесени се само размилувања за други прашања кои би можеле да бидат основа за други уставни измени. Сѐ зависи, вели Џафери, од тоа што ќе содржи одлуката за почеток на постапката за менување на Уставот.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

Во Собранието денеска почна седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која на дневен ред е Буџетот за следната година. Поднесени се 263 амандмани, најмногу од ВМРО-ДПМНЕ 200, 25 има АА, 22 СДСМ, 11 Беса, два ДУИ и три Алтернатива. Расправата на комисијата трае десет дена, а целата постапка за носење на буџетот треба да заврши до средината на декември. Дотогаш, вели Џафери, не се планирани други седници, но ако има потреба секогаш може да се свика итна седница.

До крајот на годината претседателот на Парламентот планира уште една средба во рамки на „Жан Моне“ процесот. Материјалите од претходната средба, веќе се пратени до пратеничките групи. Не очекува ВМРО-ДПМНЕ да го бојкотира процесот. Изработена драфт верзија на Деловникот за работа на Собранието ќе им биде испратена на сите пратенички групи на усогласување.

МИА

- Реклама -