Џафери за МИА: Ако сите си одат, зошто јас би инсистирал да останам

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во интервју за МИА изјави дека би ја следел одлуката на министрите на ДУИ и би се повлекол и тој доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставни измени.

„Следствено ако сите си одат, зошто ја би инсистирал да останам“, изјави Џафери.

Во однос на парламентарните избори, вели дека негов личен став е дека избори треба да има во редовен термин и дека нема причина зошто да не биде тоа така. Прашан дали поскори избори би помогнале ДУИ да успее да задржи што е можно повеќе гласови, вели дека за тоа треба пресметки да направат партиските органи.

„Јас колку што знам ДУИ се има изјаснето мандатот да оди како редовен мандат и да се вратиме во процесот и во системот на четиригодишен мандат. Но, вчерашната одлука која што е изјавена, е во конктекст на она што беше резултат или изјава на лидерската средба помеѓу премиерот и претседателот на опозицијата. Предусловот на опозицијата беше: ‘да, ние би пристапиле на тоа доколку ДУИ оди во опозиција’ и промптно беше кажано додека се одржуваше конференцијата дека, ако е тоа предусловот за граѓаните, ние треба да сме надвор од оваа Влада за да се изгласаат уставните измени. Раководството, лидерот тоа го соопшти“, изјави Џафери.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Прашан дали тој се согласува и дали ќе го следи ваквото делување на ДУИ, собранискиот спикер вели дека ако тоа е во полза на идејата, би ја следел оваа одлука.

„Во принцип ако сте дел од некоја организација, ако има можности ќе си го кажете мислењето, и на крај ако има одлука, доколку сакате да продолжите да сте дел од организацијата, ќе ја испочитувате одлуката која што е донесена. Во спротивно треба да решите да одите од субјектот“, вели Џафери во интервјуто за МИА, кое во целост ќе биде објавено утре.

- Реклама -