Џафери со Зеленски: Бесен сум што светот не е доволно гласен да ѝ каже стоп на оваа безумна инвазија

„Усвојувањето на ‘Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина’ на 3 март во нашето Собрание, како и коспонзорирањето на резолуции и иницијативи кои бараат Русија веднаш да престане со употреба на сила во Украина и да ја повлече својата војска, ја потврдуваат нашата цврста, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност со украинскиот народ“, истакна претседателот на Собранието – Талат Џафери, на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на претседателот на Украина – Володимир Зеленски.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери потсетил дека земјава ја поддржа и Одлуката за суспендирање на Русија од Советот на Европа.

„Лично ќе се заложам за што поскоро усвојување на одлуки за помош и поддршка на Украина. Фактот што сум во Украина им дава уште поголема тежина на моите активности како претседател на законодавниот дом којшто е седиште на демократијата и институција во која се донесуваат клучни државни одлуки. Дополнително, се приклучивме кон сите рестриктивни мерки и санкции на Европската унија кон Руската Федерација, иако не сме членка на ЕУ“, нагласил Џафери.

Собранискиот спикер потенцирал и дека актот на агресија уште еднаш потврдил колку е значајно проширувањето на ЕУ за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европа.

Прочитајте и:  Поделени мислења во ЕП: Едни бараат безрезервна поддршка за Украина, други обвинуваат и предупредуваат на нуклеарна апокалипса

„Благодарност до сите борци за слобода во Украина што во воени услови ни овозможија безбедно да допатуваме во Украина и што го делат лебот со нас. Иако имам тешкотија да ве погледнам во очи, ќе ви посакам да сте силни и истрајни до слобода на Украина и украинскиот народ“, рекол Џафери.

Претседателот на македонското Собрание притоа упатил и искрено и најдлабоко сочувство до децата, родителите, жените и мажите кои ги изгубија најмилите.

„Бесен сум на човештвото што дозволи да сме неми сведоци на војна за која што верувавме дека е дел од историјата. Растревожен сум од бројот на гробови чии леи не ги догледува човековото око, а видов само дел во Буча и Ирпин. Бесен сум што светот нема доволно силен глас да ѝ каже стоп на оваа безумна инвазија. Во чест на загубените животи се обврзуваме да ви помогнеме и внимателно да слушаме како одново ќе го изградите разрушеното“, додал Џафери.

Тој во Украина допатувал со воз преку Полска во раните утрински часови, на покана на претседателот на украинското Собрание Руслан Стефанчук.

Извор: МИА

- Реклама -