Џон Клис со совет до младиот уметник: „Кради!“

johncleese_big[1]

Сакаш да бидеш рок-ѕвезда, да бидеш писател, режисер, комичар? Не е лесно да се почне, особено како писател. Знаеш дека треба да го пронајдеш својот глас, својот стил, својот печат, но прашањето е колку можеш да знаеш што всушност сакаш од себе и што е тоа твое сопствено и уникатно што другите го немаат, кога си на самиот почеток. Чаре?

„Кради!“ – советува Џон Клис. „Позајми, или како што би рекле уметниците – биди под влијание од некој што е навистина добар или навистина смешен и некој со кој си на иста фреквенција. Ако го проучиш тоа и пробаш да го репродуцираш на некој начин, тогаш ќе оставиш свој белег врз истото. На тој начин, имаш шанси да отскокнеш“, вели големиот Монти Пајтонец.

Според него, да се седне без претходно да се има нешто напишано, а со намера да се напише нешто комплетно ново и оригинално, е невозможно. „Едноставно, не можеш така. Тоа е како да леташ авион без претходно да имаш земено часови за летање“. Но, Клис не промовира крадење, генерално. „Не! Еднаш штом се одлепиш од земјата и развиеш свој стил веќе не ти ни треба да крадеш. Подобро е ако не крадеш. Но, мора од некаде да се почне. На почетокот, кради“.

Методот на „крадење“ кој Клис често го советува е: најди актер или сцена што апсолутно ја обожаваш. И гледај го тој актер, или таа сцена, одново и одново, сé до моментот кога ќе престане да има емоционален импакт врз тебе. Веќе не ти е смешна или драматична, туку на некој начин ти е емотивно досадна. „Е, во тој момент, кога веќе не си емотивно афектиран, токму тогаш можеш да почнеш да сфаќаш како е направена и конструирана“, објаснува Клис. „Значи, на почетокот, моделирај се себе си според некој што навистина ти се допаѓа“.

130.john%20cleese[1]Во суштина, луѓето првично учат делови од сé што знаеме токму преку имитирање на другите, па советот на Клис и не е така радикален како што звучи. Згора на тоа, истото го советува и големиот писател Вилијам Фолкнер. Тој го охрабрува новиот писател да  земе сé што му е потребно од другите писатели. „Писателот кој почнува зема сé што му треба, каде и да му треба и тоа го прави отворено и искрено. Нема срам во тоа, освен ако не успееш нештото да го направиш твое“, се зборовите со кои Фолкнер започна едно од предавањата на универзитетот во Вирџинија.

Постои дури и една теорија во литературата, изразена преку критичарот Харолд Блум, кој аргументира дека секој голем поет во историјата, помалку или повеќе украл од претходните големи поети. Сепак, „крадецот“ обично толку погрешно го интерпретира нивното влијание, што сепак завршува создавајќи оригинално дело.

Клис, пак, не се задржува на тоа дека треба да се краде исклучиво од некој претходник. Напротив, тој лично има работено со некои од своите омилени пишувачи на комедија и идоли. Поентата е дека единственото правило е да се краде од некој што е навистина добар, а оригиналноста доаѓа со тек на време, било како резултат на станување подобар од самиот автор што си го избрал како влијание, или од твојата лоша интерпретација на неговото дело, или од комбинирање на неговите делови во нешто сосема ново.

Соодветно на ова, Џон Клис нема проблем отворено да зборува за своите идоли во комедијата. Тоа го прави во ТВ серијалот насловен John Cleese’s Comedy Heroes, кој можете да го погледнете на YouTube.

- Реклама -