Џонсон казнет со 60 евра за забавата на Даунинг Стрит за време на карантинот

Британскиот премиер Борис Џонсон доби фиксна казна од 50 фунти (60 евра) за прекршување на Законот за Ковид-19 со присуството на роденденската забава на Даунинг Стрит број 10. Џонсон вети дека ќе се бори како премиер и покрај жестоките повици за негова оставка.

Министерот за финансии – Риши Сунак, и сопругата на британскиот премиер – Кери Џонсон, исто така се казнети за присуство на состанокот на 19 јуни 2020 година во кабинетот. Од градската полиција велат дека се изречени повеќе од педесет казни. Сите тројца изјавија дека ги платиле казните во вторникот.

Џонсон и Сунак се првиот актуелен премиер и министер за финансии кои се казнети. Тие се обвинети и дека го довеле во заблуда Парламентот со тоа што претходно негираа дека присуствувале на забави за време на карантинот.

Сунак веднаш не објави соопштение, што ги „подгреа“ шпекулациите на некои Ториевци дека би можел да поднесе оставка по катастрофалната недела во која даночните работи на неговата сопруга беа под лупа на истражителите. Ваквиот потег, како што наведува „Гардијан“, би извршил голем притисок врз Џонсон да го следи неговиот пример.

Џонсон „целосно се извини“ и ги одби повиците да поднесе оставка, иако полицијата истражува уште шест собири на кои тој наводно бил присутен.

Вчера тој изјави дека дека ја прифаќа казната на полицијата и дека „го разбира гневот на јавноста“, но повтори дека во 2020-та не бил свесен дека го кршел законот.

„Морам да кажам, искрено, тогаш не ми падна на памет дека можеби во прашање е кршење на правилата. Но, се разбира, полицијата утврди поинаку и јас целосно го почитувам исходот од нивната истрага“, рече Џонсон за BBC.

Извор: МИА

- Реклама -