Дијагноза: Умрен од преработеност

2990607547_d12e35c6e6_z[1]

Јапонците стварно ги бива за измислување зборови. Некои од нив би требало да се најдат во речникот на секој достоинствен канцелариски работник. Како на пример „аригата-меиваку“- кога некој ти прави услуга што не си ја побарал од него и всушност ти предизвикува голема непријатност, ама љубезноста наложува сепак да му заблагодариш. Или „маџиме“ – совесен, вреден и надежен колега, кој си ја врши работата без правење драми.

Но во истата група спаѓа и еден друг јапонски поим, со кој не сакате да си имате работа: „кароши“, што во превод значи „смрт од преработеност“. Вести за јапонски корпорациски работници кои умираат од премногу работа, ги полнат црните хроники во јапонските медиумите веќе со децении.

Дали „кароши“ е само урбана легенда?

Краток поглед врз Јапонија вели дека не е. Социјалниот феномен за првпат е регистриран во 1987-ма, кога јапонското Министерство за здравство започнува да води статистика за такви смртни случаи, откако ненадејно ќе порасне стапката на смрт меѓу високите менаџери. Проблемот е толку распространет и сфатен сериозно, што во Јапонија, ако смртниот случај биде прогласен за „кароши“, семејството на жртвата добива компензација од владата во вредност од околу 20.000 долари годишно, а компанијата им плаќа на блиските по околу 1.6 милиони долари.

Првично владата документираше неколку слични случаи годишно, но до 2015-та бројот на „преработени“ порасна до рекордните 2310, се вели во извештајот на јапонското Министерство за труд.

Можно ли е сепак тоа да е само грепкање по површината, врвот на сантата мраз? Според Националниот совет за превенција и заштита од кароши, вистинскиот број на починатите од преработеност може да е до 10.000 – приближно колку што гинат секоја година од несреќи на патиштата во земјата.

Но дали навистина може да се умре од премногу работа, или тоа е само прашање на старост и недијагностицирани медицински состојби? Во свет каде преку технологијата сме деноноќно достапни за другите, работното време се зголемува. Дали кароши се случува и надвор од Јапонија, без ние да забележуваме?

Како изгледа „смртта од преработеност“

Типичен случај на кароши: Кенџи Хамада е службеник во токиска компанија за осигурување. Има прекрасна млада сопруга и запазува висока работна етика. Неговата работна недела подразбира 15-часовно работно време, во комбинација со мачно 4-часовно патување до канцеларијата и обратно – секој ден. Еден ден го гледаат спружен на бирото. Колегите мислат дека заспал – нешто што често се случува во јапонскиот корпоративниот свет, каде кратката дремка е прилично прифатлива. Но кога Хамада продолжува да „спие“ и неколку часа подоцна, тие сфаќаат дека е мртов. Смртта се должи на инфаркт – на 42 години.

Случајот на Хамада датира од 2009 година. Од друга страна, првата официјална жртва на кароши е регистрирана 40 години порано – кога здрав 29-годишен маж добива мозочен удар по тешките смени во одделот за достава на најголемиот јапонски весник.

Јапонскиот мерак за работа

„По поразот во Втората светска војна, Јапонците стануваат познати по тоа што почнуваат да работат најмногу од сите во светот. Тие се претвораат во воркохолици од највисок степен“, вели Кери Купер – експерт за стрес на Универзитетот во Ланкастер. 

Во повоената ера, јапонските мажи во работата ќе најдат ново чувство на цел и смисла. Работниците се мотивирани не само финансиски, туку и психолошки. Бизнисите со отворени раце ќе ја дочекаат таквата ситуација, и почнуваат да финансираат синдикати, културни групи и корпоративни интернати, транспорт, услови за рекреација, здравствени клиники и центри за грижа за деца. Наскоро работата станува главна преокупација на Јапонците.

Децении подоцна, во средината на 80-тите години, работите добиваат мрачен пресврт

Аномалиите во економскиот систем на земјата ќе предизвикаат неодржлива ескалација на цените на акциите и недвижностите. Брзиот економски раст, познат како „економски балон“, ќе ги тестира силите на јапонските „саларимени“ (корпорациските работници) до последната капка.

Во екот на економскиот балон, повеќе од 7.000.000 Јапонци (околу 5% од тогашното население) веќе работат по 60 часа неделно. Во меѓувреме, САД, Велика Британија и Германија продолжуваат да функционираат на поблаг работен режим од 9:00 до 17:00 часот. Истражувањето спроведено во 1989 година, уште тогаш покажува дека 66.1% од шефовите на одделите и 45.8% од шефовите на пододделите во големите компании, стравуваат дека ќе умрат од преработеност.

Кон крајот на 80-тите години, бројот на „white collar“ работници (канцелариски професионалци, менаџери, административци) што умираат од преработеност годишно – достигнува алармантни размери, по што и самата влада почнува да му посветува внимание на овој феномен. Преземени се итни мерки околу кароши, а јапонското Министерство за труд почнува да објавува статистики.

Прочитајте и:  Истражување: Јапонците најмалку уживаат во љубовниот живот

За да бидат прогласени за жртви на кароши, умрените треба да имаат одработено над 100 часа прекувремена работа во месеците пред смртта – или 80 прекувремени часа работа во два или повеќе последователни месеци од последната половина година.

Кога во почетокот на 90-тите економскиот балон конечно ќе пукне, ситуацијата со смртните случаи од преработеност станува уште посериозна. Во годините што следат, познати како „загубената деценија“, кароши достигнува ниво на епидемија и рекордни висини од кои никогаш нема да се симне. 

А жртви на кароши не се средовечни мажи со срцеви заболувања или дијабетес. Тоа е едно. Смртта на млади, инаку здрави луѓе во нивните најдобри години – лекари, професори и инженери – тоа е сосема друго, и загрижувачко.

Кои се причините за кароши?

При ланската анализира на навиките и здравствените досиеја на над 600.000 лица, научниците констатираат дека ризикот од мозочен удар кај оние кои работат 55 часа неделно е за 33% повисок во споредба со оние кои работат 40 часа или помалку.

Освен теоријата дека главните причини се стресот и ненаспаноста, има и една друга: дека преработеноста не може да те убие, но дека веројатно феноменот кароши е просто резултат на долгите периоди кои луѓето ги поминуваат седнати на бирото. Научниците што ја заговараат оваа вторава наведуваат низа истражувања во кои просто недостасува корелација помеѓу стресот, ненаспаноста или несреќноста и ризикот од смртен случај.

Гинисовиот рекорд за најдолго останување буден е во сопственост на Ренди Гарднер, од 1964 година – 264 часа т.е. 11 дена. На последниот ден Гарднер зборуваше на прес-конференција, и тоа сосема јасен во говорот. По подвигот, поспа само 14 часа и 40 минути. Ден денес е жив и сега живее во Сан Диего. Сепак, Гинисовите рекорди не можат да се сметаат за просек, ниту пак долго да седиш буден е исто со тоа долго да работиш буден.

Како и да е, истражувачите заклучуваат дека дури и многуте стресни денови, месец или година поминати во канцеларија, нема да испратат инаку здрав човек рано во гроб, освен индиректно, преку развивање на лоши навики како пушење, долго седење и слично.

Проблемот е што денес има и поголеми воркохолици од Јапонците

Во 2015-та, просечниот јапонски функционер работи помалку отколку Американците – и значително помалку од глобалниот лидер во преработеност – Мексико, каде работниците работат шокантни 2246 часа годишно.

Со тоа, за феноменот кароши почнува да се зборува и надвор од Јапонија, особено што во Кина годишно умираат околу 600.000 Кинези како резултат на guolaosi (како што локално го нарекуваат феноменот) т.е. околу 1600 дневно.

„Индија, Јужна Кореја, Тајван, Кина – следната генерација на економии во подем го прават истото тоа што следеше во поствоениот јапонски тренд на продолжено работно време“, вели професорот по менаџмент Ричард Вокуч од Технолошкиот универзитет во Вирџинија.

„Зарем не сме имале слични случаи и во Лондон? Единствената разлика е што немаме збор за нив“, вели Купер.

Купер и тоа како е во право. Во август 2013-та, службеник на Bank of America – Мориц Ерхард беше пронајден мртов под туш, откако непрекинато работел 72 часа. 21-годишникот умира од епилепсија, веројатно предизвикана од премногу работа, констатира истрагата. По неговата смрт, банката го ограничува работниот ден на службениците до 17 часот попладне.

Културата на постојано присуство во канцеларијата

Според Купер, таа дефинитивно е меѓу водечките причини. Во многу земји, дел од проблемот е не толку тоа што луѓето работат со продолжено време, туку во тоа што со таквото однесување се обидуваат да остават добар впечаток кај колегите и пред сé претпоставените.

„Новата опсесија е да се биде виден на работното место – доаѓање порано и останување до доцна – но тоа е непродуктивно“, вели Купер.

Таквата култура е глобален проблем. И во Јапонија, многу од помладите вработени се чувствуваат непријатно да си заминат пред шефовите.

„Кога работев таму, луѓето на крајот на просечниот работен ден отвараа весник. Не си заминуваа. Читаа весник и веќе не работеа, но но си одеа“, споделува Вокуч.

- Реклама -