Димитров: Инсистирањето на Бугарија на резервите кон јазикот се отров за билатералните односи

Според Договорот за добрососедство, Бугарија треба да ја помага Македонија на патот кон ЕУ, а денешната блокада на преговарачката рамка дефинитивно не е помагање, туку напротив, истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во „Само интервју“ на „Канал 5“.

Тој истакна дека изјавите дека сме вештачка нација, како дел од бројните непримерни изјави во изминатиов период од бугарска страна, се навредливи. Порача дека е Македонец кој зборува македонски јазик и дека никој ниту во земјава не може да му кажува кој е и што е, а уште помалку некој од надвор.

Во тој контекст, инсистирањето на Бугарија на своите резерви кон македонскиот јазик го нарече „отров за билатералните односи“ и „инвестиција во лоши односи“. Софија, истакна Димитров, доколку и натаму одбива да ја тргне таа резерва, може да ја задржи како бугарска позиција, но тоа не е добар исход, бидејќи тоа е прашање не на политиката и државата, туку на науката.

„Нашиот јазик е македонски за нас, за ОН и за ЕУ. Тоа е наведено и во нацрт декларацијата на ЕК, а така треба да биде и во Рамката за преговори“, рече Димитров.

„За македонскиот јазик и македонскиот идентитет ние не можеме да разговараме. Членот 8 од Лисабонскиот договор вели дека ЕУ ќе ги третира соседите, ќе воспоставува специјални односи со нив, врз основа на овие европски вредости. На македонскиот народ никој не смее да му каже кои сме ние и каков јазик зборуваме. Тоа е наша, внатрешна работа“, додаде тој.

Вицепремиерот за европски прашања, како и многу други, согласен е дека претстојните избори во Бугарија делумно влијаат на реториката на бугарската страна. Меѓутоа, потенцира, државава најмногу и како ниедна друга имала потешкотии во однос на почетокот на преговорите со ЕУ – 15 години се обидувавме да го решиме спорот со Грција, две години методологијата со Париз, сега и Бугарија.

Сепак, „нема потреба од кукање“, уверен е Димитров, посочувајќи дека македонската страна треба да остане смирена, да ја следи ситуацијата и да знае што може, а што не може.

Тој е убеден дека решение може да се најде доколку има поголемо меѓусебно почитување.

„Ова денес не беше прв, ниту последен КОРЕПЕР. Ние имавме средба во понеделникот со двајцата германски олеснувачи и излезе извесен напредок, сега очигледно треба уште работа“, рече тој, потенцирајќи дека влогот е голем и не само за Македонија:

„Ова или ќе биде или заеднички успех или заеднички неуспех, затоа што не е само македонскиот влог во оваа приказна. Има и силен европски влог и многу е важно за соседна Бугарија што ќе се случува“.

Во однос на прашањето за Гоце Делчев, Димитров смета дека тоа можат да го решат историчарите.

- Реклама -