Димитров: Одложувањето на пристапните преговори е непристојно, но и опасно за стабилноста на регионот

„Северна Македонија докажа дека силно го застапува европскиот наратив на вредности и е стабилен партнер на европската сцена што придонесува за добросостојбата на регионот“, изјави денеска во Берлин вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на средбата со првиот човек на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент – Мартин Шулц.

„Вложивме сериозен политички капитал врз основа на европското ветување, време е вниманието и енергијата да ги насочиме кон процесот на европеизација и исполнување на очекувањата на граѓаните. Ако ЕУ конечно ја поддржи македонската приказна и огромниот влог на ова прашање што се пресликува во целиот регион, тогаш Унијата ќе покаже дека е сила што влече за добро“, нагласи Димитров.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Димитров го информирал Шулц за последните политички случувања во земјава со акцент на европското портфолио, а се разговарало и за состојбите во регионот во контекст на евроинтеграциите.

Шулц ја нагласил важноста на Преспанскиот договор во контекст на одговорноста за обезбедување мир и стабилност на регионот и пошироко, заедно со очигледниот демократски напредок што државава го постигнала во последните години и приближувањето кон споделените вредности.

Според него, натамошното одложување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ поради блокадата од Бугарија е непристојно и опасно за стабилноста на регионот и европската визија, при што поддршката за ова прашање ќе биде и понатаму манифестирана преку активностите на Фондацијата и неговиот личен ангажман.

На овие теми се разговараше и на средбите на Димитров со ополномоштеникот за ЕУ политики во германското МНР – Сабине Штер, и директорката во Министерството задолжена за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА – Сузане Шуц. Димитров им ги пренел очекувањата Германија и понатаму да остане проактивна кон остварување на заеднички утврдената стратешка цел и ги информирал за ажурираниот статус на реформскиот процес во рамки на „Агенда: Европа дома“.

„Почетокот на пристапните преговори ќе претставува валидација на напредокот на Северна Македонија, постигнат со голема помош и поддршка од нашите германски пријатели кои принципиелно го застапуваат она што е вистински ‘европско’ во интегративниот процес. Стартот на преговорите ќе го даде неопходниот поттик на реформскиот процес, а истовремено ќе го обнови импулсот за политиката на проширување на ЕУ“, нагласи Димитров.

МИА

- Реклама -