Тврдењето дека билатералниот протокол со Бугарија, кој ги содржи историските и други прашања, не е поврзан со преговарачката рамка односно со пристапниот процес на земјава во ЕУ, и дека тоа се два одвоени процеси и дека спроведувањето на протоколите нема да влијае на динамиката на пристапниот процес, не само што не е точно, туку е „голема лага“, пишува на Фејсбук екс-министерот за надворешни работи – Никола Димитров.
Напротив, смета тој, со францускиот предлог во оваа форма, билатералните прашања се легитимизираат и од бугарски стануваат европски, и тоа со наша согласност. Ако се прифати, од тоа ќе нема ниту бегање, ниту шанса за поправка, предупредува Димитров.
Тој посочи на делот во документите што ја потврдува неговата теза:
„Во објавените документи (го користам преводот на македонски на владата) токму спротивното е напишано црно на бело.
Советот го поздравува потпишувањето на вториот протокол што е суштински елемент на пристапниот процес (како може ШТО Е СУШТИНСКИ ДЕЛ да се чита како НЕ Е ДЕЛ е прашање можеби за друга наука). Европската комисија ќе го следи напредокот во реформите во сите области, а посебно внимание ќе посвети токму на документите од членот 12 (протоколите по старо или годишните извештаи и мерки по ново). Советот ќе ги земе предвид оценките на комисијата за реформскиот напредок и за напредокот по билатералните точки по членот 12 кога ќе одлучува за сите понатамошни чекори за поглавјата или кластерите. Бугарија ќе се погрижи историјата да биде исто толку важна колку владеењето на правото, ако сакаме да мрднеме напред“, наведува Димитров во својата објава.
Тој ги сподели тие делови на документите и со текст и со слики:
„47. За таа цел, Комисијата внимателно ќе го следи напредокот на Северна Македонија во сите области, користејќи ги сите достапни инструменти, вклучително и
стручни пoосети на лице место од страна на Комисијата и од земјите членки, дијалогот според Спогодбата за стабилизација и асоцијација и индикатори од трети страни каде што е релевантно во согласност со подобрената методологија. Комисијата редовно ќе го информира Советот за напредокот на Северна Македонија во која било област во текот на преговорите, а особено кога ќе ги презентира предлог-заедничките ставови на ЕУ. КОМИСИЈАТА ЌЕ ПОСВЕТИ ПОСЕБНО ВНИМАНИЕ НА ЗАЛОЖБИТЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ДОБРОСОСЕДСКИ ОДНОСИ И РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА КАКО ШТО Е НАВЕДЕНО ВО СТАВ 5 (Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И МЕРКИ ЗА НЕГОВО ЕФЕКТИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ СПОРЕД ЧЛЕН 12) и ќе ја информира Меѓувладината конференција за нивното спроведување.
48. Советот ЌЕ ЈА ЗЕМЕ ПРЕДВИД ОВАА ПРОЦЕНКА ПРИ ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА ПОНАТАМОШНИ ЧЕКОРИ ВО ВРСКА СО ПРЕГОВОРИТЕ за соодветното поглавје или кластер.”
Заклучоците на Советот:
“Во таа насока, Советот го поздравува договорот за ПРОТОКОЛОТ од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој договор.
Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, коишто ОСТАНУВААТ СУПТИНСКИ ЕЛЕМЕНТИ НА ПРОЦЕСОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ, како и на процесот на стабилизација и асоцијација.”
Бугарскиот парламент:
Притоа, при одобрувањето на францускиот предлог во Собранието, Бугарија јасно и гласно потенцира дека инсистира:
– “да се гарантира дека добрососедските односи остануваат хоризонтален критериум низ целиот пристапен процес на Северна Македонија и дека за нивната имплементација Европската комисија ќе го информира Советот пред секоја меѓувладина конференција.” (читај, ако Софија не е задоволна нема мрдање; ќе инсистираме на контрола врз известувањето на комисијата)
– “да се вклучи референца за Договорот за пријателство и протоколите од член 12 во преговарачката рамка во однос на одобрувањето на општите позиции од страна на Советот на ЕУ за меѓувладините конференции.” “, посочува Димитров.
„Во историски моменти, немаме луксуз да бидеме ниту наивни, ниту да се правиме наудрени, ниту да веруваме во добрата волја на бугарската политика кон нас, бидејќи неа ја нема“, додава екс-шефот на дипломатијата во коментарот. Според него, изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев – дека нема да дозволи легитимизација на македонизмот во ЕУ – која, како што потенцира Димитров, е говор на омраза, е всушност кратка дефиниција на целта на Бугарија. „Таа цел не е остварлива, но тоа ќе го направи и нашето ЕУ членство неостварливо“, констатира Димитров.
Тој е уверен и дека Софија нема да се откаже од тоа да ја искористи/злоупотреби работата на историчарите:
„Да не се лажеме, Софија во вакви услови и со алатките што ги има во оваа преговарачка рамка ќе ја направи работата на историчарите исто толку важна колку борбата против корупцијата. И затоа процесот, ако се прифати предлогот, ќе биде една мачна агонија без крај“, заклучи Димитров, и повика Владата да го објави билатералниот протокол.