Димитров: Во француско-германскиот извештај се предлага укинување на ветото во процесот на зачленување

Во француско-германскиот експертски извештај за реформирана и проширена ЕУ, што денеска се презентира пред Советот за општи работи (ГАК) се предлага укинување на ветото, односно воведување квалификувано мнозинство наместо консензус се’ до последниот чин во процесот – зачленувањето, објави на својот профил на Фејсбук поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.

Во извештајот „Едрење на отворено море: реформирање и проширување на ЕУ за 21 век“ се наведува дека ЕУ треба да има цел да биде подготвена за проширување до 2030 година, а дотогаш кандидатите за членство треба да ги исполнат условите за пристапување.

Препораките на експертите на француско-германската работна група за институционални реформи на ЕУ се однесуваат на три клучни цели: подобра заштита на основниот принцип, односно владеење на правото, институционални предизвици и управување со продлабочувањето и проширувањето на ЕУ.

„Новото политичко раководство по европските избори во 2024 година треба да се посвети на целта од 2030 година и да се договори како дотогаш да биде подготвено за проширување“, се наведува во извештајот.

Експертите наведуваат девет принципи кои треба да ги водат идните стратегии за проширување: на прво место основните принципи, геополитички фактори, решавање конфликти, дополнителна техничка и финансиска поддршка, демократска легитимност, еднаквост, систематизација, реверзибилност и гласање со квалификувано мнозинство.

МИА

- Реклама -