Димитров за ЕУ и Западен Балкан: Ако и во една соба немате струја и греење, страда целата куќа

„За Грција, мислам дека и за многу други земји членки, но не за сите, јасно е дека овој регион е дел од Европа. Замислете си една куќа… таа куќа е Европската Унија и во куќата постои една соба која нема вода, нема електрична енергија, ни греење. Куќата ќе страда, не само собата“, вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров, по конференцијата „Западниот Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“во Солун, во организација на алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис, на која дискутираа министрите од шесте балкански земји.

На дискусијата, главниот фокус беше ставен на важноста од вклучување на земјите и граѓаните од регионот во делиберативниот процес за иднината на Европа, со цел заеднички придонес во дефинирањето на приоритетите на европската интеграција, соопшти МНР.

„Политиката на проширување со земјите од Западниот Балкан е од особена важност за адресирање на прашањата кои ја засегаат иднината на Европа“, потенцираше Димитров, потсетувајќи дека токму во Солун, пред 18 години, ЕУ даде ветување за европска иднина на Западниот Балкан, како израз на геополитичката посветеност за комплетирање на Европа.

„Неисполнувањето на ова ветување има сериозни последици врз довербата на земјите од регионот, но и кон граѓаните, и навистина е тешко да се одржи европскиот наратив. Евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија е особено драстичен случај – тоа што ЕУ сé уште не е во состојба да ја спроведе минатогодишната одлука за почеток на пристапни преговори, зборува многу и за предизвиците и проблемите со кои се соочува Унијата“, рече Димитров, додавајќи дека учеството на земјите и граѓаните од регионот во Конференцијата за иднината на Европа носи големи придобивки за сите страни во процесот, како можност за обновување на заемната доверба и обединување во однос на приоритетните прашања.

„Се соочуваме со различни предизвици кои имаат глобална природа и чие справување налага заеднички одговор. Поврзаноста на Западниот Балкан со ЕУ не е само географска – овој регион има посебна важност кога станува збор за стабилноста на Европа, така што пристапувањето на регионот не може да се третира како засебно прашање. Навистина е потребен конкретен исчекор, настрана сите дадени ветувања и зборови содржани во различни стратегии и изјави. Иднината на Европа им припаѓа на младите и наша задача е тоа да го исполниме што е можно побрзо бидејќи изгубивме многу време“, додаде Димитров.

За да се врати довербата од Солун, оцени тој, потребно е лидерство како она што го покажаа Грција, но и Словенија, што ги поканија земјите од регионот да разговараат за иднината на Европа.

„Благодарен сум им на Грција и на грчката Влада за лидерството и за поддршката и мислам дека тоа кажува дека земјата со која ги делиме границите, а Грција се граничи со други земји кандидатки, ја дели оваа визија за заедничка европска иднина“, истакна вицепремиерот.

Димитров уште еднаш ја повтори фразата на грчки јазик од неговата последна посета на Грцја – дека „сега е време“ да се почне со напредок во европскиот пристап на регионот.

„Многу долго чекавме, работевме напорно, го заслуживме тоа и ппрепознавањето на тој напредок ќе служи како и инспирација за многу други и мислам дека ќе биде добар чекор за враќање на кредибилитетот од солунското ветување“, рече тој.

Домаќинот на конференцијата – алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитадис Варвициотис, рече дека за нив ЕУ перспективата на Западен Балкан не е прашање на дебата, туку прашање на време и тоа да треба да се случи колку е можно побргу.

Претходно, Димитров, во денешното гостување во „Утрински брифинг“, истакна дека Грција, по решавањето на проблемите што ги имавме, сега се однесува најприродно и најнормално, како што треба да се однесува земја што се граничи со овој период.

„Земјите членки на ЕУ кои се дел од нашиот регион, најголем бенефит ќе имаат ако успее европската приказна – ќе добијат пријатели, предвидливост и сојузници“, рече Димитров во гостувањето.

Конференцијата во Солун, оцени тој, се случува во момент кога ветувањето на ЕУ за вклучување на Балканот во унијата „најблаго и најдипломатски кажано – е разнишано“.

„Многу од граѓаните, па и владите на Балканот веќе не се уверени дека ЕУ е сериозна и искрена кога зборува за европска перспектива на земјите од Балканот. Затоа ова ќе биде прилика да поразговараме на овие теми во Солун, градот каде е дадено ветувањето кон регионот“, рече вицепремиерот во гостувањето.

Извор: МИА

- Реклама -