„Тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања – бидејќи ги слушам многу често јавно од бугарските политичари, се дел од домашниот контекст или се резултат на меур во кој навистина верувате“, ѝ рече вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на пратеничката Екатерина Захариева, која обвини дека во земјава има дискриминација по бугарска етничка основа.
Димитров денеска на својот фјејсбук профил го сподели својот одговор по обвинувањето на Захариева.
„Какo прво, имаме Комисија против дискриминација. Кога проверив дали има поплаки за овие наводи што доаѓаат од Бугарија дека ние ги дискриминираме граѓаните што сметаат дека се етнички Бугари, до оваа Комисија нема ниту еден доставен приговор против дискриминација. Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања – бидејќи ги слушам многу често јавно од бугарските политичари, дали се дел од домашниот контекст или е резултат на меур во кој навистина верувате во такво нешто? Северна Македонија е мултиетничка држава. Во нашиот Устав стои дека етичките заедници се еднакви“, рече Димитров, кој деновиве беше гостин на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур.
Одговорот на вицепремиерот следува откако Захариева изјави дека е крајно разочарана од незадоволителните одговори на Димитров.