Добар хумор или сомнителна туристичка кампања на Албанија? (ВИДЕО)

Новата албанска национална туристичка кампања предизвика разни реакции на друштвените мрежи. Слоганот во кампањата, „Be Taken by Albania“, многумина ги потсети на филмот „Taken“ од 2008 со Лијам Нисон, во кој глуми поранешен агент на ЦИА чија ќерка е киднапирана од албански трговци со луѓе.

Ваквата референца, впрочем, е токму и намерата на кампањата, а покрај тоа, Албанија, преку својот министер за туризам, му се обрати и директно на Лијам Нисон:

„Хеј Лијам,

Во популарната култура, Албанија е претставена како рај за бандити, криминалци и гангстери. Иако имаме разбирање дека таквата перцепција може да придонесе за добри филмови, како Taken (2008), таа е целосно невистинита! Албанија е прекрасно и неверојатно безбедно место за посета и живеење.

Затоа ја почнавме оваа кампања за лично да се обратиме до славниот актер од Taken – Лијам Нисон. Изгледајте го видеото и придружете ни се потпишувајќи ја петицијата за да го донесеме г-ин Нисон во Албанија за да биде заробен/маѓепсан од нејзината прекрасна природа, гостопримливост и вечни традиции“, се вели во петицијата во склоп на кампањата.

Дел од корисниците изразија поддршка за кампањата и им се допаѓа што Албанија не го сфаќа пресериозно тоа што е претставена како криминален рај и се обидува да го претвори во нешто добро. Други пак, тврдат дека со ова Албанија го враќа во фокус својот „криминален идентитет“, што дефинитивно нема да ги привлече туристите што претходно не биле свесни за таквата репутација. „The Telegraph“, на пример, објави статија со наслов „Албанија претстави кандидат за најлош туристички слоган на светот“. Од друга страна, криминал или не, Албанија навистина изгледа прекрасна:

- Реклама -