Додека не се спушти температурата за неколку степени, хеликоптерите не можат да го гаснат пожарот кај Пехчево

„Поради исклучително високите температури на воздухот, веднаш по пристигнувањето на 5-те хеликоптери на местото на големиот шумски пожар, командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување поради ризично зголемување на работната температура“, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) – Стојанче Ангелов.

Тој потенцира дека безбедноста на екипажот на воздухопловите и безбедноста на луѓето на земјата се на прво место, уверувајќи, притоа, дека хеликоптерите повторно ќе се упатат кон Пехчево по намалување на температурата на воздухот за неколку степени.

Претходно тој соопшти дека пет хеликоптери – од кои два македонски и три српски, се на пат кон Пехчевскиот регион и заедно ќе го гаснат големиот пожар што се заканува на околните села. Апелираше на смиреност и запазување на мерките за безбедноста:

„Без паника! Безбедноста на луѓето на прво место! Доколку некој е загрозен од пожарот веднаш нека се оддалечи на безбедно. Нови куќи се прават, нови дрвја ќе пораснат, изгубените животи на луѓето нема да се вратат! Затоа апелираме за запазување на мерките за безбедност. Безбедноста на луѓето на прво место!“, порача тој.

- Реклама -