И домаќинствата во регионот плаќаат повисока цена на струјата ако трошат повеќе

Домаќинствата во регионот плаќаат пониска цена на струјата ако трошат помалку, а повисока ако трошат повеќе струја, согласно тарифниот модел што е воспоставен во тие земји. По сличен модел ќе се плаќа струја и кај нас за да се обезбеди енергетска стабилност во услови на историски висок раст на цената. Регулаторната комисија за енергетика веќе најави дека работи на тарифен модел, кој има за цел да овозможи домаќинствата кои трошат помалку да плаќаат пониска цена, за разлика од оние што трошат повеќе.

Се најавуваат три категории, а се работи на одредување на критериумите, односно висината на потрошувачката на електрична енергија од страна на експерти од Електро и Машински факултет кои се ангажирани од Регулаторната комисија за енергетика. Според експертите, од голема важност е да се создаде модел на правично наплатување на потрошувачката во услови на голема енергетска криза и сѐ поскапа цена на енергенсите, вклучувајќи ја и струјата.

Овој модел не е ништо ново, истиот веќе долги години функционира во соседна Србија. Според српскиот модел домаќинствата плаќаат цена поделена во три групи, според висината на потрошувачката. Во „зелената зона“ спаѓаат домаќинства и мали потрошувачи кај кои месечната потрошувачка на електрична енергија е до 350kWh. Во „сината зона“ спаѓаат домаќинства и мали потрошувачи кај кои месечната потрошувачка на електрична енергија е помеѓу 350kWh и 1600kWh. Во „црвената зона“ спаѓаат домаќинства и мали потрошувачи кај кои месечната потрошувачка на електрична енергија е поголема од 1600kWh. Цената на еден киловат час, е различна во различните зони, односно во сината зона е најниска, а во црвената зона е највисока.

Прочитајте и:  РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

Во февруари годинава и во Косово, како резултат на енормниот раст на цената на струјата, беше воведена блок-тарифа за домаќинствата, поделени во потрошувачка до 800 и над 800 kWh. Домаќинствата во Црна Гора, пак, се поделени во 4 тарифни пакети – основен, син, црвен и зелен. Од понудените пакети, блок-тарифи има само кај плавиот модел. Плавиот модел се однесува за потрошувачи кои имаат двотарифно броило. Притоа се користи една цена за потрошена електрична енергија до 150 kWh во скапа тарифа и 150 kWh во евтина тарифа, а над таа потрошувачка се користат други цени.

Албанската влада покрена иницијатива до албанското регулаторно тело, за повторно воведување на блок-тарифи за домаќинствата, а оваа иницијатива, како и кај нас, е во тек.

- Реклама -