Можат ли домаќините некогаш да победат на Сан Сиро?

Интер и Милан со години наназад важат за велесили во италијанскиот, па дури и во европскиот фудбал, па затоа шокантно делува податокот дека навивачите на овие две екипи сè уште се во исчекување на првата победа на своите миленици на домашен терен оваа сезона, севкупно во сите натпреваруваања.

Без оглед на промените во играчкиот кадар на двете екипи, се очекуваше „Росонерите“ и „Нероаѕурите“ барем на домашен терен лесно да се справуваат со противниците, но се случува токму спротивното.

Двата тима од Милано на гостински терен играа добро, бележат победи, но на вкупно седумте средби што летово се одиграа на „Сан Сиро“ домашните навивачи ниту еднаш не се радуваа на триумф на своите миленици.

Дуелот со Рубин Казан во рамките од Лигата на Европа (2:2) беше вкупно четврти за Интер на домашен терен сезона, но избраниците на тренерот Страмачони уште еднаш не успеаја да дојдат до победата.

Претходно, тие загубија пред своите гледачи од хрватскиот вицешампион Хајдук, одиграа нерешено и со романскиот аутсајдер Васлуи (двете средби беа дел од квалификациите за ЛЕ), додека во единствениот натпревар на домашен терен во рамките од Серија А „Нероаѕурите“ беа поразени од Рома со 1:3.

Уште поочајно делуваат фудбалерите на Милан, коишто одиграле три средби пред своите гледачи, а не успеале да постигнат ниту еден единствен погодок. По двата минимални порази во Серија А од Сампдорија и од Аталанта, „Росонерите“ ремизираа 0:0 и против Андерлехт, по што сè погласни се шпекулациите дека во блиска иднина на тренерот Масимилијано Алегри ќе му биде врачен отказ.

Останува да се види кога ќе биде прекината оваа „црна серија“ за домаќините на стадионот во Милано, а први шанса да го сторат тоа ќе имаат фудбалерите на Интер, кои в недела ја пречекуваат Сиена.

- Реклама -