Оваа антивоена театарска пиеса на македонскиот прозаист и драмски автор е напишана пред честврт век, во времето на жестоките југословенските војни чии сенки опасно се надвиваа и над нашава земја. Во неа како лик се појавува Христос во своето „второ пришастие“ но како бог со изгубена моќ, неспособен среде омразата и жестокоста на бескрајните воени судири да ја оствари библиски пророкуваната Апокалипса. Денес, во екот на новата епоха на жестоки конфликти „Апокалиптична комедија“ работена како фантасмагорична гротеска, со бројни ликови и драмски и визуелни елементи на очудување, пиесата на Османли доживува нова актуелност, интересирања, следствено и нејзини драмски објави.
Белградска „Политика“ неодамна објави исклучителен осврт од книжевната критичарка Александра Ѓуричиќ. Инаку, објавата на антивоената гротеска на македонскиот драмски автор, на соседната книжевна сцена го привлече вниманието на тамошната театаролошка јавност: веднаш по објавата на книгата со три драмски текста на Османли насловена „Пат во рајот“, Марко Радојичиќ уредник на белградскиот портал EdtCulture кој ја следи целокупната кутурна актива на српската книжевна и театарска сцена, беше издвоена како еден од петте преведени наслови на годината. Натаму, белградскиот неделник “Novimagazin”, токму по повод најновата книга на Османли објавена во Србија, во мај годинава (14.05.2024) неодамна објави големо интервју на истакнатата новинарка и книжевна критичарка Анѓелка Цвијиќ со нашиот автор.
Најнова афирмација е објавата на пиесата „Апокалиптична комедија“ по барање на угледниот портал “Eckermann”.
Инаку, „Апокалиптична комедија“ на Томислав Османли за прв пат беше публикувана во 2000 година во угледното списание „Književnarevija“, издание на Матица хрватска од Осијек, во превод на истакнатиот македонист Проф. Д-р Златко Крамариќ, во тоа време член на уредништвото на реномираното литературно списание, а во 2004 и во Грција во превод од македонски на Проф. Костас Катсанос, во посебна книга на солунското книгоиздателство “Universitystudiopress”. Кај нас пиесата двојазично, на македонски и на англиски јазик, ја објави скопска „Култура“ во 2005 година.
Интернет списанието “Eckermann” е покренато 2006 година како портал за објавување литературни интервјуи , при што името го носи во чест на Јохан Петер Екерман авторот на првото книжевно интервју во историјата на литературата, остварено со големиот филозоф и писател Јохан В. Гете чиј пријател и личен секретар, инаку бил Екерман. Од 2015 година и како „веб списание за книжевност“ во кое се објавуваат творби од поезијата, прозата, драмската уметност, критиката, есеистиката, теми, видео-разговори и уметнички е-книги. Списанието се појавува шест пати во годината. Главен уредник на овој реномиран литературен портал е српскиот писател Енес Халиловиќ, истакнат поет и романописец.
Пред објавата на „Апокалиптична комедија“, на порталот “Eckermann” Османли години со ред објавувал свои поетски, прозни, една есеистичка и претходна драмска творба.