Драмски театар Скопје му оддава посебна почит на основачот Ристе Стефановски

Денес НУ Драмски театар Скопје  го одбележува 27 март Светскиот ден на театарот со низа активности наменети за различни целни групи што ќе се одвиваат во текот на целиот ден.

Програмската активност започнува со организирана посета на театарот од страна на неколку групи на ученици од основните училишта. Учениците ќе имаат можност да се запознаат со сите аспекти од работењето на театарот.

НУ Драмски Театар Скопје е театарска институција која зад себе има 70 години успешна театарска дејност. Театарот својата препознатливост на модерен/иновативен театар му ја должи на Ристе Стефановски, кој технички и уметнички го реорганизира ( оформува две засебни сцени и тоа Младинската и детската сцена, додека во годината 1960, започнува со работа и вечерната сцена.)

Токму затоа денес ќе се промовира „Монографијата Ристо Стефановски“, основачот на Драмски театар и тоа во 18.00 часот во фоајето на театарот. Промотор на монографското издание ќе биде Искра Гешовска теоретичарка на книжевност и уметност. Актерите Александар Степанулески, Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Јована Спасиќ пред посетителите ќе прочитаат делови од книгата.

Викторија Рангелова, директорка на Драмски театар Скопје

„Ристо Стефановски е дел од колективната меморија на една одредена група на луѓе и доколку ги запрашате кој е најзаслужен за успехот на Драмски театар, ниту еден од нив нема да се двоуми да го посочи Ристо Стефановски. Никој нема да негира дека Ристо ги постави темелите, го раснеше и го порасна Драмски во театарски џин. Зошто никој до сега не се одважи да му оддаде симболична почит, да даде мало катче на незаборав во рамките на Драмски театар, можаме да претпоставуваме. Можеби е само немарност во прашање. Можеби, безидејност, не знам. За мене не е од пресудно значење зошто, за мене беше од пресудно значење кога. Идејата ја имав уште во 2018 година, но поради сплет на околности не успеав да ја реализирам. Во првиот миг кога се отвори простор за реализација, предлогот беше ставен на маса и прифатен од страна на членовите на Уметничкиот совет и Управниот одбор на Драмски театар Скопје“, изјави Викторија Рангелова, директорка на Драмски театар Скопје, на прашањето зошто се чекаше досега за да му се оддаде почит на основачот на Драмски театар Скопје.

Денес, ДТС располага со две сцени, голема сцена (со капацитет од 357 седишта) и мала сцена (со капацитет од 100 седишта). Посетеноста на годишно ниво е повеќе од 40.000 гледачи.

Програмската активност продолжува со именување на големата театарска сала во Сала Ристо Стефановски со што неговиот влог во развојот на театарот не се препушта на заборавот и станува потсетник и за идните генерации. Именувањето на големата театарска сала е во 19.00 часот.

На прашањето како се реализираа новите вработувања на 10 млади актери во Драмски театар Скопје, Викторија одговара: „Во изминатите десет години, Драмски театар го напушти голема група на актери, дел од нив замина во пензија, со други пак за жал прерано се збогувавме. „Операцијата“ за вработување на нови сили во Драмски театар беше работа на еден тим составен од неколку жени. А кога жените ќе се здружат, тогаш… Но, десетте вработувања немаше да се реализираат без сесрдната подршка и залагање од страна на Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Заложбата вредеше. Драмски во своите редови има десет млади талентирани актери, десет широкогради и воспитани момчиња и девојки, кои заедно со постојниот ансамбл ќе грабат напред во нови театарски постигнувања и победи“.

Програмата продолжува со изведба на театарската претстава „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ со почеток во 20.00 часот. Пред почетокот на претставата ќе се прочитаат и две пораки по повод Светскиот ден на театарот и тоа, македонската порака изготвена од театарскиот режисер Коле Ангеловски и светската порака за денот на театарот од Јон Фосе, норвешки писател, драматичар, драматург и добитник на Нобеловата награда за книжевност. Одбележувајќи го Светскиот ден на театарот, од Драмски известуваат дека за љубителите на театарската уметност ќе обезбедат влезот да биде слободен за изведбите на претставите „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ која е воедно и најгледаната престава изминатата година, на 27 март и „Пикник на фронтот“ во режија на Андреј Цветановски на 04 април. Резервација и подигнување на бесплатните билети за овие две претстави ќе се реализира преку билетарницата на Драмски театар Скопје

- Реклама -