Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) објави јавен повик за вработување на поранешни членови на полицијата, армијата и противпожарните служби, кои ќе бидат ангажирани во справувањето со шумски и отворени пожари за време на летната сезона.
Во потрага сме по возачи на специјални противпожарни возила, оператори на противпожарни пумпи и корисници на противпожарни ранци и метли. Според информациите од ДЗС, ангажираните работници ќе примаат месечна плата од 44.000 денари, што за три месеци вкупно изнесува 132.000 денари или околу 2.150 евра. За пензионираните, ангажманот нема да влијае на исплатата на пензијата.
„Приклучете се, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци работење во летниот период, гаснејќи ги пожарите на отворен простор“, порачуваат од Дирекцијата.
Кандидатите треба да имаат минимум пет години искуство во полицијата, армијата или противпожарните единици, без оглед на тоа дали се пензионирани или неактивни по други причини. Исто така, неопходно е да бидат во добра здравствена и психофизичка форма.
ДЗС планира да организира здравствени прегледи, проверка на психофизичката подготвеност, кратка обука за противпожарна заштита, како и да обезбеди униформи и потребна опрема. Работното време ќе зависи од ситуацијата на теренот и потребите за интервенции, а слободните денови ќе се договараат според обемот на работата.
Заинтересираните кандидати можат да се пријават преку електронската адреса dzs@dzs.gov.mk, при што треба да достават име и презиме, кратка работна биографија и телефонски број за контакт.




