Ducati 1199 Panigale е мотоцикл на годината

Пред само неколку седмици овој супербајк од Ducati го прослави својот прв роденден, а овие денови има причина и за уште едно славје. Поточно ова остварување е носител на мотоцикл на годината која ја доделува Супер Тест здружението.

Ducati 1199 Panigale беше супериорен во изборот кој традиционално го одржува SWA. Како и досега, за победникот одлучуваа членови на реномирани светски мото-магазини и ревии, според кои Ducati 1199 Panigale, сосем заслужено ја доби оваа престижна награда.

Супербајкот од Borgo Panigale ја освои титулата со дури 20 освоени бодови. Со десет помалку на второ место се најде Honda NC700S/X, додека третото место со по пет освоени бодови го поделија Aprilia RSV4 aPRC и KTM 690 Duke. Ducati 1199 Panigale на тронот го наследи BMW tourer K 1600 GT/GTL, кој ја понесе титулата минатата година.

Кога се најде на пазарот експертите истакнаа дека новиот Ducati 1199 Panigale е технолошки најпоткованиот супербајк. Низа елементи од електрониката, карбонската рамка, новиот мотор и единствениот дизајн беа клучни за освојување на титулата.

Во период од една година од Ducati на купувачите им беа понудени дури пет верзии од овој мотоцикл, меѓу кои и последната 1199 Panigale R, која блеска на салонот во Милано.

- Реклама -