ДУИ бара повлекување на натрупаните руски воени сили околу Украина

Фото: Архива

„Демократската Унија за Интеграција со внимание ги следи состојбите во и околу Украина и ги осудува последните одлуки на официјална Москва за одвојување на териториите околу Донбас и Луганск од Украина и нивно ставање под руска власт“, соопштија денеска од владејачката ДУИ.

Според нив, последните потези потези на Русија го нарушуваат Договорот од Минск, ги минираат разговорите во Нормандскиот формат, и ги загрозуваат напорите за дипломатско решение на кризата.

„Ние во целост го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници“, подвлекуваат од ДУИ.

Според нив, единствено што ќе може да се смета за успех ќе биде суштинска деескалација на состојбите, што, како што велат, може да се постигне единствено со повлекување на натрупаните воени сили на Руската федерација околу Украина.

Прочитајте и:  Шведска и Финска ги повикуваат граѓаните да бидат подготвени за можноста за војна

Од ДУИ потенцираат дека овие нивни политички ставови „претставуваат дел и од генералниот курс на земјава и нејзините стратешки интереси како членка на Северно-атлантската алијанса“.

Притоа, партијата изрази осуда за сите политички чинители од земјава кои на било каков начин изразиле поддршка за однесувањето на Русија:

„Оттука би сакале да ги осудиме сите повици од политичките групации во земјава, нивните коалициоми партнери и стратешки соработници, како и поединци кои ги претставуваат, со кои се одобрува агресивното и непријателско однесување на Русија и се охрабруваат нејзините постапки.

Тоа не само што не е соодветно за нашата евроатланска ориентација, туку сметаме дека преставува и дел од хибридните активности на надворешни фактори за да ја минираат нашата определба, создавајќи раздор во политичкото ткиво“, велат од ДУИ.

- Реклама -