ДУИ беше целосно информирана и координирана за разговорите Заев-Гаши, тврди Османи

ДУИ беше целосно информирана за разговорите на премиерот и лидер во оставка на СДСМ – Зоран Заев, со Африм Гаши, за влезот на Алтернатива во Владата, изјави денеска министерот за надворешни работи и висоик функционер во ДУИ – Бујар Османи.

„Премиерот Заев разговорите со политичката партија Алтернатива ги вршеше во име на коалицијата. Така што ние бевме целосно информирани и координирани за разговорите што ги водеше премиерот Заев со политичките партии“, рече Османи по прес-конференцијата со заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан – Габриел Ескобар, на новинарско прашање дали ДУИ била запознаена за големиот број на функции кои ги добива Алтернатива со договорот да стане дел од Владата и парламентарното мнозинство.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши вчера во Клубот на пратениците ја потпишаa програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Со договорот Алтернатива треба да назначи министер за здравство, министер за МИОА и министер без ресор задолжен за дијаспората, како и три заменици-министри, од кои еден во МОН, еден во Министерството за култура, а за третиот ресор останува дополнително да се прецизира, иако било разговарано за заменик министер за земјоделство. Алтернатива може да биде вклучена и во менаџирање на управувачките раководните органи во повеќе институции на централно и на подрачно ниво меѓу кои МЕПСО, ФЗОМ, Железници и Транспорт, Клинички центар – Тетово и Агенцијата за странски инвестиции.

МИА

- Реклама -