ДУИ и Движењето на народот на изборите ќе настапат како коалиција „Европски фронт“

Претседателот на Демократската унија за интеграции (ДУИ) Али Ахмети и претседателот на Движењето на народот Скендер Реџепи Зејд денеска потпишаа коалициски договор за претстојните претседателски и парламентарни избори „Европски фронт“.

По потпишувањето на коалицијата лидерот на ДУИ, Али Ахмети порача дека отсекогаш сонувале како Албанците да бидат обединети во еден фронт.

-Зошто 2024 треба да се гради овој фронт? Зошто јас и Скендер Реџепи треба да одлучиме? Ова обединување на Албанците во земјава е бидејќи нештата во глобалната политика чекорат лошо. Немаме ништо против политичките партии, нека си живеат, но немаат капацитет да се соочуваат со сите овие настани што се случуваат околу нас и подалеку од нас во Европа и Блискиот Исток. И затоа оваа држава, ова обединување е повеќе од потребно за да се поддржи. Не само албанската заедница, туку и турската заедница, бошњачката заедница, ромската заедница затоа што овој фронт навистина ќе им излезе во пресрет со сите капацитети, порача Ахмети.

Според Ахмети, неопходно е сите едногласно да ги поддржат овие обиди затоа што Албанците историски изгубиле кога не биле обединети.

– Албанското тло е распарчено, затоа од денеска па натаму сме едно тело и еден народ. Да ги реализираме соништата наши, пред се, да ги зајакнеме нашите позиции да не паѓаме во заседа на малите партии, туку да ја гледаме нашата историска мисија, на 24 април да го поддржиме нашиот кандидат за претседател Бујар Османи и како едно тело да продолжиме на 8 мај да се запечати тоа – да победи Европскиот фронт, порача Ахмети.

Повтори дека прават максимални обиди за нашата земја да чекори кон ЕУ затоа што е единствена алтернатива и начин да се запрат нашите луѓе кои бегаат. Ова, порача Ахмети, може да се спречи само со членство на државата во ЕУ.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

–  Не случајно ние сме се договориле и со Скендер Реџепи. Да за Европа, Не за Русија! Русија не е залак кој треба да се запостави, бидејќи е веќе во нашата земја, основала партија во нашата земја, има медиуми во нашата земја, основала милитанти во нашата земја кои сакаат да ни го попречат патот за кој сме силно определени дека ние сакаме мирен Балкан, чист Балкан, Балкан кој ќе се зачлени како што сме во НАТО да се зачлени и во ЕУ. И затоа, ве повикувам како брат на брат за целосна мобилизација на 24 април, како референдум дали ќе чекориме напред или ќе застанеме каде што сме. На 8 мај се одлучува исто така повторување – дали ќе чекориме напред или ќе чекориме во место, нагласи Ахмети.

Претседателот на Движењето на народот Скендер Реџепи Зејд, порача дека денеска е историски ден кога се отвора поглавјето „Европски фронт“ што, како што нагласи, ќе се одржи долго и ќе се памети во нашата историја.

– Овој фронт ќе биде носител на промени, на подобрување на животниот стандард. Овој европски фронт е почеток, една иницијатива која ќе биде добра и ќе докаже дека ние нашите цели ги имаме во работа и со долгорочни дела, изјави Реџепи.

Европскиот фронт, подвлече Реџепи, е составен од два политички субјекти ДУИ – која е повеќе од 20 години на политичката сцена и цело време е дел од владата и уште еден политички субјект, што во суштина изгледа мал и е последен на политичката сцена – Движењето на народот.

– Но, ви ветувам дека Движењето на народот ќе биде најголемото нешто во политиката иднина, бидејќи промената ја прават тие кои се на вистинското место и во вистинското време и со вистинската изборна програма, изјави Реџепи. 

- Реклама -