ДУИ: Се собираат граѓански потписи за Бујар Османи

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска соопшти дека во подрачните канцеларии на ДИК во Куманово, Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струга, Чашка и низ целата држава граѓаните се потпишуваат за поддршка на нивниот кандидат за претседател на државата, Бујар Османи.

Партијата им се заблагодарува на граѓаните за поддршката на, како што наведуваат од ДУИ, нивната докажана визија за големи прогресивни достигнувања.

-Потврдувањето на кандидатурата на Бујар Османи преку овој масовен собир на потписи кој несомнено ќе ја надмине бројката од 10.000 потписи ја докажува праведноста на нашите прогресивни идеи. Како што го исполнивме ветувањето за првиот премиер Aлбанец и сите ветувања за нашата национална и државна факторизација во последните две децении, така и каузата за првиот претседател албанец ќе ја направиме реалност со тоа што прво ќе го трасираме патот за сигурно остварување на оваа визија. Кандидатурата на Бујар Османи не е само формален изборен чин, туку е нова голема мисија, битка за рушење на следното табу преку избор на претседател во Собранието со 2/3 од гласовите и со Бадентерово мнозинство, се посочува во соопштението од ДУИ.

Прочитајте и:  ВРЕДИ: ДУИ ги држеше Албанците како заложници со договори на дело, ние ќе ги решиме сите неправди кон нив

На еден од пукнтовите за собирање потписи изјава дал, како што соопштија од ДУИ, и лидерот на партијата Али Ахмети, кој истакнал дека денеска започнува многу важен пат за номинацијата на Бујар Османи за кандидат за претседател на Република Северна Македонија.

– Ова е многу силна мобилизација, што ја докажува решеноста на целата ДУИ да ја совлада мисијата за придвижување на процесите, процеси кои носат стабилизација, ориентација дека нашата земја треба да оди напред кон членство во Европската Унија, рекол Ахмети.

Тој посочил дека со оваа мобилизација на сите прогресивни сили во државата им се дава можност на овие избори да кажат „не“ за Русија и „да“ за Европа.

– Оваа можност мора да ја искористиме на претседателските и парламентарните избори на 8-ми мај. Јас сум голем оптимист дека со нашите кадри, сите заедно можеме да бидеме сведоци на оваа силна волја што се материјализираше и во гласањето за успешно одвивање на процесите, рекол Ахмети, посочуват од ДУИ.

- Реклама -