Дурмиши: Есенската кошничка даде резултат, ако идниот месец драстично се зголемат цените ќе донесеме поригорозни мерки

Есенската кошничка има ефект, цените на производите се намалени за пет до десет отсто, изјави денеска министерот за економија Бесар Дурмиши.

Мерката истекува на крајот од овој месец, а ако има драстично покачување на цените, како што нагласи Дурмиши, ќе се преземат поригорозни мерки.

Тој потсети дека според синдикалната кошничка, цените на храната и пијалаците во октомври се пониски за преку 900 денари.

-Наредниот месец очекуваме повторно намалување на цените зашто е во сила Законот за нефер трговски практики. Ако видиме дека трговците ги зголемуваат цените, ќе преземеме поригорозни мерки, најави министерот.

Според него, со есенската кошничка има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени како лебот, млекото, маслата за јадење, но имало и производи чии цени се намалени за над 10 проценти, како месото, зеленчукот, млечните продукти,…

-Одлуката на Владата дава резултат и тоа се чувствува врз џебот на граѓаните, истакна Дурмиши.

Напомена и дека есенската кошничка заедно со училишната резултира со намалување на трошоците на едно семејство за 3 000 денари.

- Реклама -