Два златни, два бронзени и еден сребрен медал за македонските сноубордери на меѓународен ФИС натпревар

31.01.2022,Скопје – Продолжуваат успесите на македонските сноубордери. На меѓународните ФИС натпревари во категоријата „Slopestyle“, што се одржаа викендов во Анилио, во Грција, македонските сноубордери освоија два златни, еден сребрен и два бронзени медали. Во силна сениорска конкуренција Иван Георгиев успеа да обезбеди најдобар резултат и освои две први места, Ведран Лауренчиќ освои второ место, а Карло Дерибан освои две трети места. Во женска категорија настапи Ева Башоска и освои четврто и петто место, а Слободан Саздовски освои второ и трето место во категоријата деца.

Ова е втор меѓународен ФИС натпревар во 2022 година за македонските сноубордери кои се дел од Македонската скијачка федерација. Минатата недела на натпреварот што се одржа на Бјелашница, Босна и Херцеговина, во категоријата „Slopestyle“ и „Big Air“, македонските сноубордери освоија четири бронзени медали. На меѓународниот ФИС натпревар во Анилио, настапи и Бојан Скендеровски кој освои седмо место.

Иван Георгиев, Карло Дерибан, Ведран Лауренчиќ, Ева Башоска, Бојан Скендеровски и Слободан Саздовски се членови на сноуборд клубот „Полар“, кој е дел од скијачката федерација на Македонија.

„Одличните резултати што ги постигнавме на ова второ ФИС натпреварување годинава е одлична мотивација и за мене, но и за спортистите, да продолжиме посветено да работиме на подготовки и тренинзи како и досега. Покажавме дека и покрај сите пречки можеме да постигнеме врвни резултати, а што е најважно, докажавме дека сме конкурентни и успешни. Продолжуваме да работиме на дополнително унапредување на перформансите на нашите спортисти и за две недели не очекуваат настапи на нови натпревари“, истакна Кирил Насков, тренер во скијачката федерација на Македонија.

Сноуборд клубот Полар работи на спортска едукација на деца и младинци од 1996 година. Со своите активности клубот Полар дава голем придонес во развојот на зимските спортови, особено во сноубордингот. Од основањето до денеска во клубот членувале и биле дел од неговите активности над 4500 деца и младинци.

- Реклама -