Дваесет и четири години од НАТО бомбардирањето на Србија, американскиот амбасадор изрази сочувство

Нови Сад, 8 јуни 1999. По повтореното НАТО бомбардирање на новосадската рафинерија на нафта, градот го покри густ чад. (фото: Википедија)

Пред 24 години на денешен ден започнаа воздушните напади на НАТО врз тогашна Сојузна Република Југославија (Србија и Црна Гора). За време на 78-те денови колку траеше бомбардирањето, според официјалните извори загинаа 2.500 луѓе, додека вкупната материјална штета проценета е на повеќе десетици милијарди долари, јави дописникот на МИА од Белград.

Загинаа 2.500 лица меѓу кои 1.031 припадници на вооружените сили и полицијата, а повредени се околу 6000 цивили, 5.173 војници и полицајци, а повеќе лица сè уште се водат како исчезнати. Воените загуби на НАТО никогаш официјално не се соопштени.

NOVI SAD
FOTO:DARKO DOZET

Операцијата на НАТО „Милосрден ангел“ започна на 24 март 1999 година во 19 часот и 45 минути, по неуспешните преговори за решавање на кризата на Косово во Рамбује и Париз.

Деветнаесет земји на Алијансата го почнаа да бомбардирањето од бродови во Јадранското Море, од четири воздухопловни бази во Италија, поддржани од стратешки бомбардери кои полетаа од бази во Западна Европа, а подоцна и од САД. Во бомбардирањето се уништени и оштетени 25.000 станбени единици, 470 километри патишта и 595 километри железнички пруги. Онеспособени се 14 аеродроми, 19 болници, 20 здравствени центри, 18 детски градинки, 69 училишта, 176 споменици на културата, 44 мостови беа оштетени, а 38 беа уништени. Симбол на страдањето во бомбардирањето на СРЈ беше малата Милица Ракиќ, која почина на 17 април за време на бомбардирањето во Батајница. Во ноќта на 23 април 1999 година, за два часа и шест минути по полноќ, НАТО ја нападна и зградата на РТС, при што загинаа 16 работници. Ова беше прв случај кога медиумска куќа беше прогласена за легитимна воена цел. За време на бомбардирањето беа извршени 2.300 воздушни напади врз 995 објекти низ целата земја, а 1.150 борбени авиони лансираа близу 420.000 проектили со вкупна тежина од 22.000 тони.

Прочитајте и:  Украина првпат ја нападна Русија со американски ракети ATACMS - погодено складиште во Карачев, во Брјанскиот регион

НАТО лансираше 1.300 крстосувачки проектили, беа употребени и графитни бомби, како и 37.000 касетни бомби од кои 200 лица загинаа, а повеќе од стотина беа повредени, а беше користена и забранетата муниција со осиромашен ураниум.

По повеќедневен дипломатски притисок, бомбардирањето заврши со потпишувањето на Воено-техничкиот договор во Куманово на 9 јуни 1999 година, а на 10 јуни, беше усвоена Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, по што за три дена почна повлекувањето на армијата и полицијата од Косово и влегувањето на меѓународните воени сили.

Американскиот амбасадор Кристофер Хил денеска упати сочувство до семејствата на загинатите во војните во 90-тите и до семејствата на загинатите во бомбардирањето на НАТО.

„Знам дека луѓето во Србија не можат да го заборават тоа страшно време, и не треба. Народот на Србија не може да ја потисне својата болка, но верувам дека има доволно сила да ја потисне својата огорченост“, наведе Хил.

Извор: МИА

- Реклама -