Сè уште се трага по неколку исчезнати лица, чиј точен број не е познат
Во регионот Долна Јабланица во Босна и Херцеговина (БиХ) денеска е пронајдено уште едно тело на жртва од разорните поплави и свлечишта кои ја погодија областа, со што бројот на загинати се искачи на 23.
Телото било пронајдено од страна на екипи на Специјализираниот спасувачки тим од Србија, спасувачи од Црна Гора и од ентитетот Република Српска, кои со механизација го пребарувале и расчистувале теренот.
Досега се пронајдени 23 тела на загинати во големото невреме, од кои 17 во Јабланица, три во областа Коњиќ и уште три во регионот Фојница. Сè уште се трага по неколку исчезнати лица, чиј точен број не е познат.
Обилните врнежи ја погодија БиХ ноќта меѓу 3 и 4 октомври и предизвикаа поплави, одрони и свлечишта на земјиштето. Поради силното невреме, во прекин е железничката и патната комуникација меѓу Сараево и Мостар.
Земјите од регионот и ЕУ испратија спасувачки тимови, финансиска и друга помош за преживеаните и санирање на штетите, а владата на Федерацијата БиХ прогласи „состојба на природна катастрофа“ на територија на овој ентитет.