Обвинителката Адела Бојчевиќ, по објавувањето на пресудата која предвидува 12 години затвор за Стојанче Јовановски, истакна дека и покрај изрекувањето на максималните казни за сите три кривични дела, смета дека актуелната казнена политика не е во согласност со сериозноста на последиците во оваа ситуација.
„Во овој момент, имајќи предвид дека станува збор за првостепена пресуда која не е правосилна, и верувам дека одбраната ќе поднесе жалба, Судот ја изрече максималната казна затвор за сите три дела“, рече обвинителката Бојчевиќ.
Но, таа нагласи дека од нејзин поглед, законските одредби не ја одразуваат тежината на случаите каде што е загубен човечки живот. „Што се однесува до кривичното дело наведување на самоубиство, каде што имаме најтешка последица – загуба на човечки животи, сметам дека казнената политика не одговара на таквата сериозна ситуација“, изјави Бојчевиќ.
Таа додаде дека конкретниот случај наложува обарање поголема правна анализа и можни законски измени. „Особено затоа што се работи за прв случај на проширено самоубиство, а не само самоубиство, и сметам дека на правните експерти и законодавците им претстои да направат поширока анализа со цел подобрување на казнената политика“, истакна обвинителката.
Стојанче Јовановски беше осуден на 12 години затвор за трагичниот случај поврзан со смртта на неговата сопруга Ивана Јовановска и шестгодишната ќерка Катја. Судот му изрече максимални казни за поединечните дела – телесни повреди во контекст на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство, кои потоа беа обединети во единствена казна од 12 години затвор.




