Дванаесет стрипови се во конкуренција за награди на конкурсот за млади, за стрип, организиран од ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, и издавачката куќа ТЕМПЛУМ.
Темата на конкурсот е „КАДЕ ПРИПАЃАМ?“
Еве ги автор(к)ите и насловите на пристигнатите стрипови:
Гаја Смилевска – Нешто што фали (1 страница)
Ева Дејановска – Карактерен квиз
Иван Коминовски – 3 Faces
Луција Давиткова – Магија
Марио Кекеновски – Ехото на сопствените мисли
Матеа Аризановска – Каде припаѓам
Михаил Стоиловски – Знак
Петар Шулевски – Go Away, Goblin!
Сања Георгиева – Љубов е сè што ни треба
Сара Ангеловска – Празното платно
Филип Томевски / Слободан Тимчевски – Имате идеја за други игри?
Фјола Шахини – „Арсон“
Конкурсот е наменет за младите луѓе до 33 години. Организаторите нагласуваат дека една од целите на конкурсот е мислењето и работата на младите да бидат повидливи и погласни.
„Освен тоа, сакаме да ги поттикнеме вредностите на заедничката работа, инвентивноста, креативноста и ангажираноста. Цел ни е и да придонесеме за развојот на еден интересен уметнички медиум, стрип, кој што е слабо застапен во нашата земја. На овој начин придонесуваме и за развојот на македонската културна сцена, промовирајќи нови млади креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи во полето на културата и пошироки форми на соработка.“
За најдобрите стрипови предвидени се три награди: од 15, 10 и 5 илјади денари. Во жирито се Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска и Стефан Каракачанов. Имињата на наградените ќе бидат објавени кон крајот на месецов (јуни, 2024 година).
Во текот на јуни беше организирана и работилница за пишување и цртање стрип, во функција на конкурсот, на која присуствуваа десетина млади луѓе. Работилницата ја водеа Хана Корнети, Ѓорѓе Јовановиќ, Владимир Лукаш и Никола Гелевски.Најдобро оценетите стрипови ќе бидат објавени во публикација и претставени на книжевниот фестивал „Друга приказна“ што ќе се одржи од 30 август до 1 септември.
Извор: окно.мк