Двата прдежа што предизвикаа полициски скандал во Германија

Животот во средена земја како Германија (барем според нашата перцепција) не е секогаш така розев. Знае некогаш и да засмрди.

Во февруари 2016-та, полицајци се мотаат на една забава на отворено и бараат од еден од присутните да им покаже документ за идентификација. Ситуацијата ескалира до степен што полицајците го приведуваат човекот. Зошто? Заради прдење.

Приведениот беше обвинет за „непочитување на полицајците“ и „намерно ослободување на пар многу непријатни прдежи во насока на инволвираната полицајка“. Му лепнаа и казна – 900 евра. Обвинетиот, во меѓувреме, одби да ја плати казната, па му закажаа судење во септември. Судењето бидна. Траеше помалку од 10 минути. Судијата го отфрли случајот без ич двоумење.

Ама, ситуацијата продолжи да смрди. Поконкретно, предизвика политички скандал околу тоа на што се трошат ресурсите со кои располага полицијата – во случајов на глупост што не е криминал. Неколку надлежни Германци седнаа и направија анализа, и заклучија дека на случајов се потрошени 18 месеци, 23 официјални лица, и 17 часа официјално институциско време – платено од парите на даночните обврзници т.е. од парите на народот. Според проценките, секој од двата клучни прдежа го чинел буџетот по повеќе од 100 долари. Од аспект на градски буџет, тоа е ништо, ама тие пари можеле да се искористат на нешто друго, нешто поврзано со решавање на криминал, на пример, се побунија Германците.

Извор

- Реклама -