Движењето ЗНАМ за Наша Македонија упатува искрени честитки до господинот Румен Радев и до партијата Прогресивна Бугарија за постигнатите резултати на парламентарните избори во Република Бугарија. Се надева дека новата влада ќе придонесе за натамошно зајакнување на демократските процеси, владеењето на правото и доследното почитување на европските вредности и стандарди, вклучувајќи ги и Копенхашките критериуми.
„Движењето ЗНАМ изразува надеж дека во претстојниот период ќе се создаде простор за зрел, отворен и конструктивен дијалог, кој ќе овозможи решавање на отворените прашања помеѓу двете држави. Во таа насока, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на правата на македонското малцинство во Република Бугарија, како и на целосното почитување на македонскиот идентитет, јазик, историја и културно наследство.
Го реафирмираме ставот на Движењето ЗНАМ дека какви било уставни измени со цел внесување на бугарската заедница нема да бидат прифатени без јасни, цврсти и недвосмислени гаранции дека тоа ќе биде последно условување за деблокада на европскиот пат на нашата држава. Веруваме дека со политичка зрелост и взаемна почит може да се создаде нова клима на доверба, која ќе придонесе за вистинско унапредување на билатералните односи.
Таквиот развој е од суштинско значење за стабилноста на регионот и за непречено продолжување на европскиот интегративен пат на Република Македонија, што е стратешка определба на нашите граѓани. Дијалогот, взаемната почит и принципиелниот пристап остануваат единствениот одржлив пат кон стабилни и со добри односи и европска перспектива, во која Македонија ќе биде третирана со достоинство и рамноправност“, се вели во соопштението.




