ДЗР предупредува: Диско клубовите, кабареата и локалите добиваат лиценци без безбедносни проверки – сериозни недостатоци во Министерството за економија.

Државниот завод за ревизија откри сериозни недостатоци во начинот на кој Министерството за економија издава лиценци и решенија за категоризација на угостителските објекти. Тие упатија предупредување дека постоечката законска рамка им овозможува на дискотеките, кабареата и сличните локали да започнат со работа без да бидат подложени на обврзни проверки за противпожарни, технички, санитарни и еколошки стандарди.

Според ревизијата, ниедна од фазите во процесот – од издавањето на првичното решение до обновувањето на документацијата – не предвидува адекватен механизам за проверка на тоа дали објектите ги исполнуваат минималните услови. Дополнително, непостоењето на централен регистар на издадени лиценци го отежнува надзорот и создава можности за работа без важечки документи.

Во анализираниот период, Министерството за економија во 2024 година издало две лиценци за дискоклуб, четири за дискоклуб на отворен простор, 16 за кабаре и преку 70 решенија за категоризација на ресторани и сместувачки објекти. Во 2025 година, дел од лиценците биле одземени, вклучувајќи две за дискоклуб, една за дискоклуб на отворено и осум за кабаре.

Прочитајте и:  Марк Маркес триумфираше во Германија

Државниот завод за ревизија изнесе и сериозни забелешки во врска со финансиското работење на Министерството, укажувајќи на тоа дека околу два милиони евра не завршиле во државната каса поради несоодветното постапување на Прекршочната комисија, формирана во 2019 година, која дозволила да се застарат предметите. Според ревизорите, ваквите пропусти укажуваат на системска слабост која може да влијае на безбедноста на граѓаните и на функционалноста на институционалниот надзор, особено во случаите на локали со зголемен ризик и висока фреквенција на посетители.