Единствената козметика која му е потребна на еден маж

7U6A4920[1]

Ние мажите сме едноставни луѓе – за нас нешто или е портокалово, или не е. Сложените прашања дали е тоа сенф портокалово, или црвено-портокалово, или тревно-небесно портокалово – им ги оставаме на жените.

Интересно е, тогаш, што козметичката индустрија сé уште не провалила што всушност сакаме ние мажите, зашто дефинитивно не го сакаме тоа што моментално ни го нуди.

За нас „conditioner“ за коса е само начин компаниите да ни продадат два шампона наместо еден. Многуте ножчиња на бричот нема да нé убедат дека тоа е добар брич, макар што многу од нас  веруваат дека помоќниот мотор на автомобилот автоматски те прави подобар возач.

Не дека тенденциозно се држиме настрана од индустријата; просто досега не го добиваме тоа што навистина го сакаме. Еве, ќе се обидам да го поправам тоа:

Пред сé сакам да истакнам – без никакви веган-еко ствари. Не сакам ништо со манго, авокадо, ананас или пачули. Јас сум човек, не сум салата. Уште повеќе – ви текнува на трите прасиња? Ви текнува што им се случи на веган-еко куќите на две од нив?

Сакам маст за растење на брада. Ама не за потхранување на брада – јас се потхранувам доволно. Сакам да ми расте повеќе брада. Ако издробите две тули и ги помешате со тестисите на некое азиско говедо, нема ли да ја биде? Зашто гледам дека со некои парфеми работи.

Сакам и препарат што ќе ми го измие машинското уље од рацете. Еднаш ќе му се стрефи на човек да мора да смени акумулатор, и после цел месец ќе оди со црно во линијата на животот.

Сакам и специјална четка за папокот.

Сакам и некаков козметички продукт, кој би бил машкиот еквивалент на вечерна маска кај жените. Само што, овој сакам да ме прави да изгледам помалку пијан и поубав на слаба светлина. Знам дека веќе постојат слични препарати, ама малку ми е шубе да им сипувам некакви прашоци во пијачките на женските.

Нели женските бричови имаат лентичка со кремче / лосионче / балсамче што „ја прави кожата мека и нежна“ и ваква и таква? Е такво сакам и јас, само лентата да биде со хируршки лепак. Тоа ќе ми ги залепи исечениците додека се бричам, за да не ми се откачи долната вилица и да ми падне во мијалникот.

Ете, тоа би било супер за почеток. Само уште неколку збора за електричните апарати во козметиката, како феновите, тримерите и слично…

Зошто моторот на автомобил со 500 коња може да е нечуен, а кога ќе го уклучам фенот ме пцујат будистичките монаси на Тибет зашто не можат да медитираат од бучава?

Исто така, дај бе некој нека направи слушалки од истиот памук како кај чепкалките за уши? Еј, замислете само. Милиони би ве частел за такво нешто…

Мартин Дамјанов

- Реклама -