Едмонд Османи: Најавата за отворање на училишта на бугарски јазик e продолжение на обидите за асимилација на Македонците во Голо Брдо

Најавата за отворање на училишта на бугарски јазик не е ништо друго туку само продолжение на активностите на бугарските власти за асимилација на нас Македонците во Голо Брдо, изјави за МИА Едмонд Османи, потпретрседател на МАЕИ и администратор на административна единица Требиште, која заедно со Острени припаѓа кон општина Булќиза.

Тој даде одговор на прашањето за посетата на потпретседателката на Бугарија, Илиана Јотова на Албанија, во рамките на која, како што е најавено меѓудругото ќе го посети Голо Брдо и ќе ја отвори учебната година во училиште во Елбасан. Јотова ќе престојува во Албанија до 16 септември, а нејзината посета доаѓа во пресрет на пописот на населението во Албанија, што, како што соопшти нејзината прес-служба, е важен момент за бугарското национално малцинство во Албанија откако беше признаено во 2017 година.

-Најавата за отворање на училишта на бугарски јазик не е ништо друго туку само продолжение на активностите на бугарските власти за асимилација на нас Македонците во Голо Брдо. Добив покана од администратотот на Острени, Луан Мјештри да учествувам на отворањето на некакво училиште во Острени, но одбив. Што барам јас на место каде ми се оспорува идентитетот, вели Османи, јави дописничката на МИА од Тирана.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Тој нагласува дека постојано областа во која живее ја посетуваат бугарски претставници како од бугарската Амбасада, така и од Владата.

-За жал во континуитет нашата област ја посетуваат бугарски претставници како од Амбасадата, така и од Владата, даваат пасоши, за кои наплатуваат по пет илјади евра, тоа е нивната „грижа“ за непостечкото бугарско малцинство. Со векови зборуваме, пееме и плачеме на македонски и сега сака некој користејќи ја сиромаштијата да не направи она што не сме. И порано и сега едно им порачувам, дека ниту сме биле ниту ќе бидеме Бугари. Ние сме Македонци и така и ќе останеме.

МИА

- Реклама -