Економисти: Доаѓањето на Трамп на власт негативно ќе влијае врз економиите на Европа и Германија

Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД ќе има главно негативно влијание врз економиите на Европа и Германија, покажуваат резултатите од анкетата на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен и весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг” (ФАЗ), спроведена со 180 економисти.

Како што се наведува, 20 отсто од економистите очекуваат дека реизборот на Трамп ќе има многу негативни последици врз економскиот раст на Германија, додека 69 проценти предвидуваат значително негативни ефекти. Само 7 отсто сметаат дека Трамп нема да влијае врз германската економија, 2 отсто сметаат дека ефектите ќе бидат позитивни, а останатите се неопределени.

Трамп најави протекционистичка трговска политика која може да ја загрози извозно ориентираната германска економија, што е можен повод за песимизмот на стручњаците. Понатаму, дури 85 отсто од анкетираните сметаат дека Германија не е доволно подготвена за втор мандат на Трамп, а вината ја лоцираат во владејачката коалиција.

Прочитајте и:  Трговска војна не им оди во прилог ниту на САД, ниту на Кина - му порача Пекинг на Трамп

За Европа, 11 отсто од економистите сметаат дека реизборот на Трамп ќе има многу негативни ефекти, додека 76 проценти очекуваат умерено негативно влијание. Само 9 отсто сметаат дека нема да има никакво влијание врз европската економија. Анкетата покажува и дека доларот може умерено да се засили во однос на еврото, а 74 проценти од испитаниците прогнозираат дека Трамп ќе ги зголеми царините за стоки од Кина.

Истражувањето е спроведено од 12 до 19 ноември, се наведува на официјалната страница на ИФО.

- Реклама -