Експертите од BKA ќе пристигнат во следните неколку дена, во Тетово биле претставници на Германската амбасада

EPA-EFE/Georgi Licovski

Експертскиот тим од Федералната криминалистичка полиција на Германија (Bundeskriminalamt, BKA), кој треба да помогне за утврдување на причините за пожарот во модуларниот Ковид центар во тетовската болница, треба да пристигне во земјава во следните неколку дена, соопшти денеска Јавното Обвинителство, откако МИА, а со тоа и повеќе други медиуми, објавија дека претставници на тетовското Обвинителство и Федералната криминалистичка полиција од Германија денеска во Клиничката болница во Тетово за прв пат заедно беа да го видат местото каде изгоре монтажниот објект за ковид пациенти при што загинаа 14 луѓе на 8 септември.

„Во меѓувреме, тимот обвинители од тетовското и скопското обвинителство продолжува интензивно да презема дејствија за испитување на трагичниот настан. Се очекуваат резултатите од наредените вештачења и се врши распит на сите лица кои со своите сознанија би можеле да помогнат за откривање на причините за пожарот“, додаваат од Обвинителството.

Во меѓувреме, МИА објави дека местото на несреќата всушност го посетиле претставници на тетовското Обвинителство, но не со германските експерти, туку заедно со претставници на Германската амбасада во земјава.

Од тетовското Обвинителство нема дополнителни информации за посетата. Со повеќе детали, велат за МИА, ќе излезе службата за односи со јавноста при Јавното Обвинителство.

И од тетовската болница немаше информации што точно се прави денеска. Лекарите и медицинските техничари кои биле ноќта во модуларната болница веќе дали искази во Обвинителството.

„За тие информации немам податоци, тоа ги прочитав и јас сега дека наводно стигнале. Не знам како оди процедурата, за тоа ќе ве извести управата. Јавниот обвинител побара информации од сите тие вработени кои биле таму во моментот на трагедијата. Тие биле повикани таа ноќ, биле неколку часа, биле и утредента и дале таму изјави“, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор во тетовскиот Ковид центар.

 

- Реклама -