Кога фоторепортерката Џоан МекАртур го документира животот во фабричка фарма, обично тоа се случува без дозвола од сопствениците и ноќе, во придружба на сопствено обезбедување. Правило ѝ е да не допира ништо и да ја остави локацијата каква што ќе ја најде. Таа е таму за да ја прикаже вистината, а за вистината, вели, вредат сите казни за неовластено влегување на туѓ имот, а во некои случаи, дури и физичкиот ризик.
Џоан има посветено 15 години на фотографирање животни кои живеат во тешки околности. Тоа се животните кои не сакаме да ги видиме, кои живеат во фарми, лаборатории и кафези низ светот. Во овој пост ќе зборуваме за свињите (во следните ќе пишуваме и за другите животни).
Кога ќе сретне свиња во фабричка („неорганска“) фарма, Џоан клекнува на нејзино ниво, за да не го исплаши животното, и ѝ дозволува да ѝ ја помириса раката. Во еден таков момент се има „зближено“ и со една женска свиња од нејзината прва книга „We Animals“, фотографирана во Шпанија во 2009 година – свиња која ќе ја прогонува низ годините. Немала име, или барем Џоан не го знаела. Но нејзиниот очај оттогаш е врежан во главата на фотографката.
Станува збор за фотографијата (оваа горе) насловена како: „Свињата што се надевам дека е мртва“.
„Свињите се извонредно љубопитни“, вели Џоан. „Тие се емотивни, друштвени и интелигентни суштества“, а менталната депривација што ја преживуваат во фармите може да биде подеднакво опасна и како физичките повреди.
„Шпанската“ свиња од We Animals, веројатно е користена за одгледување на други свињи, претпоставува Џоан. Таканаречената „breeder pig“ ја оплодуваат два или три пати годишно. Кога ќе роди прасиња, не ѝ дозволуваат да има контакт со нив. Ја чуваат зад решетки, во кафез, каде не може ниту да се сврти, и има потешкотии дури и да легне.
„Ако има бебе прасе што залутало зад мајката и не може да го најде патот назад, таа не може ниту да се заврти и да го земе… Ако има мртво бебе зад неа или до неа, таа не може да направи ништо околу тоа, освен да го остави телото таму. Таа е сосема беспомошна и може само да гледа“.
Насловот на фотографијата од погоре се однесува и на бројни други животни во слична ситуација, вклучувајќи ги и малите прасиња, кои растат и го живеат истиот живот што го живеат нивните мајки. Притоа, честа појава е свињите во фармите да развијат респираторни проблеми, поради амонијакот во фармите.
„Им посакувам смрт, знаејќи дека тоа веројатно ќе биде единствениот излез од болката што ја чувствуваат“, објаснува Џоан.
Таа не може да ги спаси овие свињи, а излегувањето од вратата на фармите што ги посетува е најболното од сé што прави, и емотивно тоа најмногу ја исцрпува.
„Не можам да им помогнам на тие свињи, но се трудам да им помогнам на идните генерации. Се обидувам да покажам што се случува, за да можеме да правиме похумани избори, и за да нема свињи што страдаат во иднина“. На крајот од денот, Џоан е задоволна што луѓето ги гледаат нејзините фотографии.
А гледајќи ги фотографиите, таа се надева дека ќе ја самопрепознаеме нашата сопствена човечност. Како резултат, можеби ќе намалиме со месото и другите животински продукти што ги консумираме, барем до ниво кое ни е потребно, за разлика од сегашното ниво на претерување.
Љубопитноста на свињите, дури и во очајни околности, ги наведува да ги погледнат луѓето во очи додека поминуваат. Во фотографиите на Џоан, кои ја отсликуваат реалноста, јасно се гледа потрагата по надеж во погледот на животното.
„Тие ни поставуваат прашања. Тие ги немаат одговорите. Тие не знаат што ќе се случи следно. Тие знаат дека ние – луѓето – сме тие што го имаме клучот. Ние сме тие што ги преместуваме од кафез во кафез. Ние сме тие што им ги земаме малечките“.
Свињиве, живи или мртви, заслужуваат барем да бидат видени.
^ Свиња со одгризано уво, веројатно од друга свиња. Животот во кафези резултира со агресија и канибализам, како резултат на стресот.
^ Куп од фрлени мртви фетуси.