„Експресен“ вели дека недостасуваат 50 метри од гасоводот „Северен тек 1“, Данска потврди „силни експлозии“ кои биле „многу добро испланирани“

Најмалку 50 метри од гасоводот под Балтичкото Море недостасуваат, извести денеска шведскиот весник „Експресен“, откако ги објави првите јавни фотографии од штетата настаната кон крајот на минатиот месец.

Видеото снимено од далечински управуван подводен дрон објавено од „Експресен“, покажува свиткан метал и отворени цевки од гасоводот, поставен околу 80 метри на дното на Балтичкото Море. Делови од цевководот се со прави, остри рабови, додека други се деформирани. Според „Експресен“, видео-материјалот е снимен во текот на вчерашниот ден.

Шведските безбедносни служби неодамна соопштија дека за потребите на истрагата собрале материјал од местото на експлозијата. Не е познато дали шведските истражители, со активностите на терен, можеби придонеле за промени во фактичката ситуација на местото на експлозијата.

Шведската морнарица и безбедносната полиција одбиле да го коментираат извештајот на „Експресен“, а за коментар не била достапна ниту Крајбрежната стража.

Данските власти, пак, денеска потврдија дека гасоводите „Северен тек 1 и 2“ во Балтичкото Море на крајот на септември претрпеле голема штета и дека тоа било предизвикано од „силни експлозии“.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Полицијата во Копенхаген соопшти дека спровела серија истраги на „местата на злосторствата“ со помош на припадници на данската армија и во соработка со данската безбедносна и разузнавачка агенција.

Данскиот министер за одбрана, Мортен Бодсков, рече дека ситуацијата е „многу сериозна“ и дека „во никој случај не се работи за случајност“.

„Тоа не изгледа само планирано, туку многу добро испланирано“, рече Бодсков.

Данската разузнавачка агенција и полицијата одлучија да формираат заедничка група која ќе се занимава со натамошната истрага на инцидентите, но не можат да кажат кога може да се очекува таа да биде завршена.

Русија, од своја страна, ги отфрла обвинувањата дека е одговорна за оштетувањето на гасоводот и бара да биде вклучена во истрагата.

Извор: МИА

- Реклама -