Низ улиците на кинеската метропола започна шамионатот во Formula E, каде учество земаат болиди кои се исклучиво на електричен погон.
Деби трката донесе многу возбудувања, а за сето тоа се погрижија некогашните ѕвезди од F1 патеките кои сега се зад управувачот на овие електрични „ѕверки“.
На отворањето на сезоната, која според календарот на FIA ќе брои десет трки, триумфираше Бразилецот Лукас ди Граси со Audi Sport АВТ, кој возеше за тимот на Virgin во F1 пред неколку години. Како втор на подиумот се најде Французинот Франк Монтањи, од тимот на Andretti Autosport, а трет беше Сем Бирд на Virgin. Нелсон Пике Јуниор заврши како осми, а Николас Прост, синот на Ален Прост беше деветти. Бруно Сена, внукот на Аиртон Сена, не заврши, а меѓу учесниците можеше да се забележат уште познати имиња, како Јарно Трули, Себастијан Буеми, Ник Хајдфелд, Такума Сато…
Секако овие имиња ќе бидат забележани во историјата, но трката ќе се памети и по инцидентот меѓу Хајфилд и Прост. Ник Хајдфелд имаше многу среќа спасувајќи жива глава при судирот со Николас Прост. Двајцата возачи имаа коализија, која можеше да заврши трагично за Хајдфелд. Искусниот Германец се обиде пред целната линија да го мине Прост, но неискусниот Французин лошо затвори и предизвика судир, по што болидот на Хајдфелд одлета неколку метри, се сврте неколку пати во воздух пред да се приземји. Прост беше казнет за ваквиот неспортски потег, но тоа не е толку важно колку информацијата дека со Ник Хајдфелд се е во најдобар ред.
Шампионатот тргнува доста амбициозно, а е поддржан од FIA и компании како Michelin, Renault, Tag Heuer, DHL, швајцарска банка и американски гиганти од најразлични области. Мега ѕвезди и богаташи како Леонардо ди Каприо и Ричард Бренсон поседуваат тимови, а самото учество на великани на светскиот спорт ја потврдува сериозноста на натпреварувањето.