Емотивна приказна за еден подарок

На млад човек му претстоело наскоро да заврши гимназија.

Долго време тој не ги тргал очите од еден спортски автомобил во најблиската продавница за возила и бидејќи знаел дека неговиот татко може да си го дозволи, му кажал дека си мечтае овој автомобил да биде подарокот по повод неговото дипломирање.

Како што се приближувал денот, младиот човек започнал да очекува од татка си знаци дека го купил возилото. На самиот ден татко му го повикал во неговата соба. Му рекол дека е горд што има толку голем син и дека многу го сака. Потоа му подал убаво спакувана кутија. Љубопитно, но и малку разочарано, момчето ја отворило кутијата и пронашло внатре убава Библија, на која со златни букви било извезено неговото име.

Тој сиот лут извикал:

– Имаш толку пари и да ми подаруваш Библија!

Младичот излегол бесен од собата на татко му, оставајќи го подарокот на масата, а потоа го напуштил и домот.

Минале многу години. Младиот човек жнеел успеси во бизнисот. Имал убава куќа и прекрасно семејство. Но татко му бил веќе многу стар и тој решил да отиде кај него. Двајцата не се виделе од денот на кој синот дипломирал. Но, пред да успее да организира патување, тој добил телеграма дека неговиот татко починал и му го оставил целото богатство. Требало да замине веднаш и да се погрижи за деталите.

Кога пристигнал во татковата куќа, срцето му се исполнило со тага и жал. Почнал да ги разгледува предметите од стариот дом и помеѓу нив ја нашол уште новата Библија, токму како што самиот ја оставил пред многу години. Со солзи на очите ја отворил и почнал да ги прелистува страниците.

Од страниците паднал клуч за автомобил со името на трговецот, во чија што продавница бил изложен така посакуваниот од него своевремено спортски автомобил. До името на трговецот бил датумот на неговото купување и ознака за целосна исплата.

Колку често ги отфрламе даровите во животот, бидејќи не се спакувани онака како што очекуваме?

Извадок од книгата „Скриениот дар”, на Џериес Авад

- Реклама -