„Ен-Би-Си“: САД имаат разузнавачки информации кои сугерираат дека Русија стои зад нападот на браната Каховка

САД не негираат дека руските сили може да се одговорни за уривањето на браната Нова Каховка, но сѐ уште немаат утврдено чија е вината за тоа, изјави денеска Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност во Белата куќа.

„Знаеме само дека има многу жртви и исто така многу загинати, иако ова се рани извештаи и не можеме да специфицираме“, посочи Кирби.

Кирби подвлече, меѓутоа, дека руските сили лани нелегално ја презедоа браната (и електроцентралата) и „незаконски ја окупираат“.

САД прават колку што можат да се оценат овие извештаи, категоричен е Кирби.

„Работиме со Украинците да се соберат повеќе информации. Но не можеме да кажеме конкретно што се случило“, додаде тој.

„Тоа што е јасно е дека штетата за украинскиот народ е значителна. Браната обезбедува вода, како за наводнување на регионот и за наводнување на Крим, така и за хидроелектраната, но и за нуклеарната централа Запорожје“, заклучи портпаролот на Националниот совет за безбедност во Белата куќа, посочувајќи дека САД со олеснување ја примиле веста од директорите на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (МААЕ) дека нема непосреден ризик по безбедноста на „Запорожје“.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

За разлика од Белата куќа, американската телевизија NBC објави дека САД имаат разузнавачки информации што водат кон тоа дека Русија е виновникот за нападот на браната во Украина.

Телевизијата се повика на еден службеник од Западот и двајца службеници на САД, при што наведе дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден работи на тоа да декласифицира дел од разузнавањето и да го сподели во вторник попладне.

Мотивот за експлозијата на браната сè уште се оценува, но се чини дека со уривањето преминувањето на реката за украинските сили ќе биде потешко и исто така претставува тежок хуманитарен предизвик, изјавиле западните официјални лица.

Извор: МИА

- Реклама -