Енди Керол е на добар пат да ја продолжи својата кариера во дресот на Вест Хем, откако лондонскиот премиерлигаш се договори со Ливерпул околу деталите на трансферот.
Имено, BBC синоќа објави дека клубот од „Енфилд“ ја прифатил понудата на Вест Хем од два милиони фунти за едногодишна позајмица на англискиот репрезентативец. Сепак, во договорот меѓу двата клуба ќе има и клаузула што ќе гарантира дека Вест Хем следното лето ќе му плати на Ливерпул 17 милиони фунти за високиот голгетер, доколку „Чеканите“ обезбедат опстанок во елитното друштво.
Останува да се види дали Керол ќе се согласи на овој трансфер, со оглед на фактот дека поранешниот член на Њукасл посакуваше враќање во тој клуб, потенцирајќи дека нема намера да замине во клуб што во следната сезона нема да се натпреварува во европските купови.
Сепак, Ливерпул не сакаше да го продаде Керол на истиот клуб на кого му плати богатство од 35 милиони фунти пред неполни две години, па клубот од „Енфилд“ ќе инсистира голгетерот да се пресели на „Аптон Парк“, а не да се врати во Њукасл.