На денешен ден роден е еден од најголемите уметници на 20 век Енди Ворхол(1928 – 1987), американски сликар, режисер, публицист, актер и најголема фигура на поп-арт културата.
Енди Ворхол беше сестран уметник, чија единствена цел беше создавање, без разлика за каква форма на уметност станува збор. Тој е човекот што го смени погледот кон уметноста и додаде малку апсурд кон сите претходни големи уметници и уметнички дела. Татко на Поп-Арт движењето кое стана зачетокот на една цела нова, космополитанска генерација која растеше со дводимензионалната култура од Ворхол, а кои веруваа дека им е дозволено буквално се.
Енди Ворхол е роден на 6 август 1927 година во Питсбург. Неговите родители биле словачки емигранти. Уште од мал почнува да сонува за познатите филмски ѕвезди, Лос Анџелес и Холивуд. Моментот што е можеби најважен за Поп-арт културата е 1962 година кога Енди Ворхол ја отвара својата „Фабрика“ во Њу Јорк, неговото уметничко студио и „атеље“, местото каде што се врши масовната репродукција на неговите слики и преработки и каде што се собираат голем број на филмски и музички ѕвезди кои едноставно уживале во тоа опкружување со многу опојни дроги и ЛДС. Сите тие биле познати како Ворхоловите Ѕвезди.
Во тоа време Енди Ворхол веќе бил познат илустратор и уметник на Њујоршката сцена, воведувајќи го поимот Поп-Арт, уметност на сите, движење кои ги возвишува безначајностите и ја надополнува патеката на модернистичката уметност во дваесеттиот век.
Поп-артот сметаат многумина, започнува со познатата слика на Ворхол за лименката со супа Кембел која ја црта и слика, а потоа и ја принта со помош на сито-графика во многу примероци. Тој се водел од принципот – многу значи убаво, премногу значи преубаво.
Ворхол верувал дека се, баш се е допуштено и се треба да се искористи. Во својата фабрика тој ги создава неговите најпознати репродукции на познатите личности како онаа на Мерлин Монро или таа на Елвис Присли и огромен број на други фотографии, слики, репродукции и долгометражни филмови интересни по својата континуирана снимка од неколку часа. Ворхол работел во многу медиуми – сликарство, фотографија, цртеж и скулптура. Фабриката всушност е студиото каде се собирале уметници, меѓу кои и Мик Џегер, Дејвид Боуви.
Меѓу 1963 и 1968 Ворхол година снимил над 60 филмови. Неговиот најпопуларен филм, кој ги добил и најдобрите критики е “Девојките од Челзи” (1966). Филмот прикажува два филма истовремено, со различни приказни. Од попознатите е и филмот Спиење, кој покажува човек како спие 8 часа.
Со својата работа, Ворхол направил револуција во уметноста. Неговата работа многу брзо станува контроверзна и популарна. Соработката со други ќе остане негов препознатлив ( и контроверзен) аспект на неговиот начин на работа во текот на целата кариера. Еден од неговите најважни соработници од тој период е Герард Маланга, кој му помагал во печатењето, снимањето филмови, скулптурата и другите работи. Меѓу другите кои ја сочинувале неговата група биле и Фреди Херко, Роналд Тавел, Мари Воронов, Бригид Берлин. Во текот на оваа деценија Ворхол негувал боемска ексцентричност, со која ги презентирал своите “Ворхолови суперѕвезди”, меѓу кои се : Еди Сеџвик, Вива, Нико, Кенди Дарлинг… Овие луѓе учествувале во снимањето на филмови во “Фактори”, а некои како Берлин, останале негови пријатели до смртта. Важни личности од њујоркиот андерграунд – уметнички и филмски свет се појавувале во неговите филмови, што укажува на поврзаноста на Ворхол со разни уметнички кругови во тој период. По обидот за убиство, Ворхол веќе живеел поповлечено, па се откажал од снимање на филмови.
Она по што Ворхол бил единствен, е тоа што обичноста ја воздигнувал на трон на врвна вредност. Откривајќи ја таа моќ, целиот свој живот го подредил на тоа. Тој земал анонимни поединци и ги претворал во вистински ѕвезди.
Енди во една прилика изјавил дека суштината на неговата работа била во тоа дека не му било гајле за ништо.
Ворхол починал на 58 години на 22 февруари 1987 година во њујоршка болница. Она што е тој важен е цело едно маестрално движење за давање внимание на баналното, неважното што и ден денес трае по медиумите, весниците, сликите, размислувањата, а сето тоа со два збора Ворхол го нарекол ПОП-АРТ.