ЕП прецизира: Санкциите против Русија се услов за напредок на преговорите на Србија, не се предвидува нивно прекинување

Белград, 29 септември 2022 (МИА) – По вчерашната вест од РСЕ дека Европскиот парламент (ЕП) ќе побара од Европската унија (ЕУ) да ги прекине пристапните преговори со Србија додека Србија не воведе санкции кон Русија, денес РТС, кој имаше увид во извештајот на ЕП за стратегијата за проширување на ЕУ, соопшти да ЕП ќе ја повика ЕУ да не ги продолжува пристапните преговори со Србија додека Белград не се усогласи со политиката на санкции против Русија и не постигне значителен напредок во реформите, јави дописникот на МИА од Белград.

„ЕУ треба да го постави како приоритет усогласувањето на земјите кандидати со заедничката европска надворешна политика и да ги продолжи пристапните преговори со Србија само доколку таа се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија и постигне значителен напредок во реформите поврзани со патот кон ЕУ“, се наведува во извештајот за стратегијата за проширување на ЕУ, чиј автор е Тонино Пицула, претставник на групата на социјалисти и социјалдемократи во ЕП, соопшти РТС.

Извештајот ја повикува ЕУ да ја разгледа употребата на европските фондови наменети за Србија, во светлината на усогласувањето со надворешната политика, „особено проектите финансирани според Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан, со цел да се осигура дека сите распределби од Буџетот на ЕУ се целосно конзистентни со нејзините стратешки цели и интереси“.

За извештајот за „Новата стратегија за проширување“ ќе се гласа на седницата на комисијата за надворешна политика на ЕП на 13 октомври, а неговата содржина е веќе договорена преку компромисни амандмани на најголемите политички групи, Народните партии, Социјалистите и Социјалдемократите, Зелените и групата Обновена Европа.

Прочитајте и:  Британија сега е директно вклучена во војната во Украина, вели рускиот амбасадор во Лондон

Усогласениот текст на амандманот ја повикува Србија „систематски да се усогласи со сите рестриктивни мерки на ЕУ кон Русија и мерките генерално“, како и да покаже напредок во демократијата, владеењето на правото и да ги прифати европските вредности и приоритети.

Во делот од извештајот во кој се зборува за дијалогот меѓу Белград и Приштина, ЕП ја повикува ЕУ да го засили својот ангажман за да се постигне правно обврзувачки договор „заснован на взаемно признавање на двете страни, во рамките на дијалогот“, што, како што е оценето, е клучно за нивниот напредок кон ЕУ и во исто време нешто што „ќе придонесе за регионалната стабилност и просперитет“.

По гласањето на Комисијата за надворешна политика на 13 октомври, извештајот за „Новата стратегија за проширување на ЕУ“ треба да биде усвоен во форма на резолуција на пленарната седница на Европскиот парламент во ноември.

Резолуцијата нема обврзувачка сила, но ќе биде испратена како препорака до Европската комисија и земјите-членки.

Европскиот парламент нема овластувања во областа на проширувањето и не одлучува за текот на пристапните преговори, но усвоените резолуции имаат политичка тежина што може да ја земат предвид и другите европски институции.

- Реклама -