ЕП усвои резолуција со која се повикува Србија да ја синхронизира својата надворешна политика со таа на ЕУ

Берлин, 18 јануари 2023 (МИА) – Европскиот парламент усвои резолуција за спроведување заедничката надворешна и безбедносна политика, во која ја повика Србија да ја синхронизира својата надворешна политика со онаа на ЕУ.

Од 641 европратеник, 407 гласаа за резолуцијата, 92 беа против, а 142 беа воздржани.

ЕП по вторпат официјално побара ЕУ да го прекине напредокот на преговорите со Србија додека не исполни неколку основни барања, од кои најважно е целосно усогласување на надворешната и безбедносната политика на Србија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

Европскиот парламент ја нагласува важноста од целосно усогласување, особено со политиката на санкции против трети земји. ЕП изразува жалење за ниското ниво на усогласеност на Србија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, особено во однос на воената агресија на Русија против Украина.

Прочитајте и:  Вонредно обраќање на Путин до нацијата во врска со војната во Украина

Во резолуцијата се наведува дека понатамошните преговарачки поглавја треба да се отворат само кога Србија ќе ја зајакне својата посветеност на реформите во областа на демократијата и владеењето на правото и ќе покаже дека е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Во документот, ЕП потсетува дека Србија, како земја која се стреми кон европска интеграција, мора да се придржува до заедничките вредности.

- Реклама -