Ердоган: Разликата во гласовите е премала, опозицијата не може да прогласи победа

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговата партија бараат ново пребројување на гласовите на сите избирачки места, во име на борбата против, како што рече, „организираниот криминал“. На прес-конференција за новинарите, тој изјави дека разликата во бројот на гласовите кои ги освоија двајцата главни кандидати во Истанбул е премала за да може опозицијата да прогласи победа.

Минатонеделните првични резултати на локалните избори од 31 март покажаа тесна победа на Републиканската народна партија (CHP) – најголемата опозициска партија во Турција. Меѓутоа, Ердогановата Партија за правда и развој (AKP) ги обжали резултатите во сите 39 окрузи во Истанбул, што доведе до целосно или делумно пребројување ширум најголемиот турски град, во кој живеат околу 10 милиони гласачи.

„Граѓаните ни велат да ги заштитиме нивните права. Се жалат на организиран криминал. Ние, како политичка партија, откривме таков организиран криминал“, изјави Ердоган за новинарите.

Тој и неговата партија се видливо нервозни поради поразот во Истанбул и главниот град Анкара – градовите во кои оваа партија и нејзините исламистички претходници доминираат веќе четврт век. Ердоган ја започна својата политичка кариера токму во Истанбул, кога во ’90-тите стапи на функција градоначалник.

Ердоган ќе ги прифати резултатите, вели, но само кога изборната комисија (YSK) ќе ги обработи сите жалби. Дотогаш, вели тој, „никој нема право да зборува за победа на изборите во град од милиони избирачи, кога разликата во бројот на гласови е само 13 до 14 илјади“.

По повторното пребројување на 90% од гласовите, водството на Екрем Имамоглу (кандидатот на CHP за градоначалник) од почетните 25.000 се намали помалку од 16.000 гласови. Првиот човек на опозицијата – Кемал Киличдароглу, ја повика изборната комисија на непристрасност, оценувајќи дека нема разумна причина и оправдување за да се исполни барањето на Ердоган за ново целосно пребројување.

- Реклама -