Ердоган: Социјалните мрежи се меѓу главните закани за демократијата

Истанбул, 11 декември 2021 (МИА) – Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска ги опиша социјалните мрежи како една од главните закани за демократијата.

Неговата влада планира да воведе закони со кои се криминализира ширењето лажни вести и дезинформации на социјалните мрежи, но критичарите оценуваат дека предложените измени ќе ги заострат ограничувањата на слободата на говорот.

„Социјалните мрежи, опишани како симбол на слободата кога првпат се појавија, станаа еден од главните извори на закани за денешната демократија. Се обидуваме да ги заштитиме нашите луѓе, особено чувствителните делови на општеството, од лаги и дезинформации без да ги нарушиме правата на нашите граѓани да добиваат точни и непристрасни информации“, истакна Ердоган во видео пораката на конференцијата за комуникации организирана од владата во Истанбул.

Прочитајте и:  Австралија: Милионски казни за социјалните мрежи ако не спречат пристап за лица помлади од 16 години, корисниците ќе треба да се идентификуваат

Минатата година Турција донесе закон со кој социјалните мрежи со повеќе од милион корисници треба да имаат правен застапник и да складираат податоци во земјата. Многу компании, вклучително Фејсбук, Јутјуб и Твитер, во меѓувреме отворија канцеларии во Турција.

Новите прописи ќе воведат кривична одговорност за ширење „дезинформации“ и „лажни вести“, а на прекршителите им се заканува затворска казна до пет години, објавија провладините медиуми. Исто така, ќе се воведе и регулатор за социјалните мрежи.

- Реклама -