Текстот е преземен од „Слободен печат“
Денеска конечно започнаа активностите на терен за монтирање на новите цевки на топловодот под мостот „Беласица“. Како што е веќе познато, цевките на топловодот беа опожарени во мај минатата година во пожарот што настана на мостот, речиси пред една година беа демонтирани и оттогаш до денеска новите цевки, иако донесени, беа оставени да лежат во тревата покрај „Беласица“ без објаснување зошто не се поставуваат.
Од АД ЕСМ денеска посочија дека поставувањето на топловодот ќе се спроведува во наредните месеци со цел комплетно да биде подготвен за ставање во функција во текот на грејна сезона.
„Новите раководства на ЕСМ Дистрибуција на топлина и на АД ЕСМ се соочија со предизвикот, да преземат ургентни мерки за надминување на пречките што предизвикаа застој во поставување на цевководот, кој се јави како последица на исклучителната неспособност или незаинтересираност на претходните менаџерски тимови на двете компании“, изјави Петар Милетиќ, новиот директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, кој присуствуваше на почетокот на активностите на терен.
Од компанијата велат дека до целосната реализација на зафатот, испораката на топлинска енергија кон централниот дел од градот, како и во изминатата грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод „А“, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ – ТО.
„Со тоа и понатаму целосно ќе бидат задоволени потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури“, велат од АД ЕСМ.